Министерството за внатрешни работи (МВР) и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) два дена се во потрага по големи количини произведена марихуана со лиценца за медицински потреби, а кои не биле употребени за таа цел. МВР вчера соопшти дека се вршат претреси на повеќе локации во Скопје и во Струмица, а денеска од доцните попладневни часови кругот на поранешната фабрика ОХИС, кајшто се наоѓа и компанијата „Алфафарм“, е окупиран со полициски камиони и комбиња и просторот околу фабриката е под силно обезбедување.
Од МВР најавуваат повеќе детали по завршувањето на активностите. Дали во ОХИС се носат запленетите тони марихуана, како што се шпекулира во отсуство на официјални информации, или пак и на имотот на ОХИС се произведувала или се складирала марихуана, останува нејасно.
Оваа акција во Македонија почна откако пет тони марихуана беа запленети на 29 јануари во регионот на селото Коњух кај Крушевац, централна Србија, а која влегла преку македонската граница. Вредноста на марихуаната се проценува на седум до десет милиони евра.
МВР и Обвинителството не кажуваат како петте тони ја поминале македонската северна граница и кои се тие службени лица што ги пропуштиле кон Србија. Српските медиуми објавија дека марихуаната е набавена од Македонија. Извесно е дека акцијата е насочена кон мрежата на легалните производители на канабис.
По запленувањето во Србија, Обвинителството кажа дека веднаш е воспоставена интензивна и континуирана комуникација со надлежните органи на соседната земја, со активна размена на важни информации и со координација на дејствијата, со цел целосно и сеопфатно откривање на сите вмешани лица и евентуални организирани структури поврзани со случајот со заплена на петте тони марихуана.
Премиерот Христијан Мицкоски во интервју за МРТВ кажа дека јавноста ќе се изненади со количините на марихуана што ќе бидат запленети, бидејќи тоа ќе се мери со десетици тони.
„Очекувам деновиве Министерството за внатрешни работи да излезе со десетици тони, не со неколку тони, туку со десетици тони на ваков тип недозволени средства, односно недозволени материи, дрога, марихуана во случајов која во моментов се наоѓа во складиштата во Македонија или, пак, на некаков начин имало односи помеѓу одредени правни субјекти, не само во државата, туку и надвор од државата за коишто е констатирано дека се незаконски пуштени во промет, но и незаконски складирани, потенцираше Мицкоски.
С. К. ДЕЛЕВСКА



