СЕАД КОЧАН МОЖЕ ДА СЕ ВРАТИ ОД СЛУЖБЕН ПАТ, ВРХОВЕН СУД ДОНЕЛ ОДЛУКА, НЕ КАЖУВА КАКВА

    СЕАД КОЧАН МОЖЕ ДА СЕ ВРАТИ ОД СЛУЖБЕН ПАТ, ВРХОВЕН СУД ДОНЕЛ ОДЛУКА, НЕ КАЖУВА КАКВАНеофицијално, вчера петчлениот Кривичен совет во Врховниот суд раководен од Јово Вангеловски, кој е и претседател на Врховниот суд, донел одлука за укинување на мерката притвор за избеганиот бизнисмен Сеад Кочан, кого Специјалното јавно обвинителство во случајот „Труст“ го сомничи дека со фалсификувана документација добил тендер вреден 17 милиони евра од државната компанија ЕЛЕМ (Фото: СДК.МК)

    Осомничениот бизнисмен Сеад Кочан, сопственик на „Трансмет“, кој пред два месеца и пет дена ја напушти Македонијa веднаш штом му беше одредена мерка притвор, може да се врати дома. Како што неофицијално дознаваме од извори во судот, вчера петчлениот Кривичен совет во Врховниот суд раководен од Јово Вангеловски, кој е и претседател на Врховниот суд, донел одлука во гласови три спрема два, за укинување на мерката притвор за Кочан.

    Специјалното јавно обвинителство во случајот „Труст“ го сомничи Кочан дека со фалсификувана документација, заедно со фирмите „Силекс Неметали и „Вато“ добиле тендер од државната компанија ЕЛЕМ, вреден 17 милиони евра.

    Во Врховниот суд потврдуваат дека вчера била донесена одлука за случајот Кочан, но не кажуваат каква е. Велат, одлуката ќе биде објавена в понеделник.

    Претседателот на кривичниот совет Јово Вангеловски, не одговари на повиците на мобилниот трлефон ниту на смс поракоите со прашање дали, ако навистина му бил укинат притворот на Кочан, тој е комплетно укинат, или е донесена одлука постапката да се врати на повторно одлучување во Основниот суд Скопје 1.

    СЈО за САКАМДАКАЖАМ.МК потврди дека не добиле никакво решение од Врховниот суд во врска со предметот за Кочан.

    Пред два дена Кривичниот суд, по барање на Специјалното  обвинителство, го замрзна имотот и три сметки на сопственикот на „Трансмет“.

    Во Основниот суд Скопје 1, пак, сега ги нема судиите кои еднаш гласаа за да му биде одреден притвор на Кочан. Со новиот распоред на претседтаелот Стојанче Рибарев, сега тие судии се тргнати.

    Избеганиот бизнисмен, за кого адвокатот Никола Додевски тврдеше дека е на службен пат, цело време беше недостапен на органите на прогонот. Додовски, кој е претседател на Адвокатската комора што денеска  свечено ја прослави 72-годишнината, одби да ја коментира одлуката на Врховниот суд, а на прославата говорник беше и Вангеловски.

    Предлог за укинување на притворот на Кочан поднесе државниот обвинител Марко Зврлевски. Вангеловски поднесе иницијатива до Врховниот суд, а врховните судии на општа седница на 27 април донесоа одлука да може Зврлевски да се меша во предметите на СЈО и после секој одреден притвор во предмет на СЈО, Зврлевски да може да ги ослободува притворените, како што е во случајот со Кочан.

    „Сега нема пречки Кривичниот совет на Врховниот суд чиј претседател сум јас да одлучува за Барањето за заштита на законитоста (БЗЗ) на Јавниот обвинител на РМ за случајот Кочан“, потврди тогаш Вангеловски на брифинг со новинарите.

    На новинарско прашање дали Зврлевски отсега ќе го контролира СЈО, Вангеловски негираше, и посочи дека таа можност Јавниот обвинител на РМ да може единствено да го користи овој вонреден правен лек, ја пишува во Законот за кривична постапка и тоа е така сѐ уште.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира