СЕДУМТЕ СУДИИ ДОПРВА ЌЕ ГИ ЗАПЛЕТКУВААТ ПРЕДМЕТИТЕ НА ЈАНЕВА, СМЕТААТ НИВНИ КОЛЕГИ ТРГНАТИ ОД СЛУЧАИТЕ НА СЈО

    СЕДУМТЕ СУДИИ ДОПРВА ЌЕ ГИ ЗАПЛЕТКУВААТ ПРЕДМЕТИТЕ НА ЈАНЕВА, СМЕТААТ НИВНИ КОЛЕГИ ТРГНАТИ ОД СЛУЧАИТЕ НА СЈОСпецијалното јавно обвинителство најави жалби до Апелациониот суд за сите одлуки на кривичниот совет со кој беа одбиени притворите за високите функциониери на поранешната власт - Катица Јанева и Фатиме Фетаи пред Основниот суд Скопје 1 во март годинава (Фото: Ѓ. Личовски)

    Седумте судии во Кривичниот суд во Скопје кои треба да ги проценат обвиненијата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) имаат можности до недоглед да ја одолговлекуваат постапката во сите 17 предмети, тврдат за САКАМДАКАЖАМ.МК судии од Основниот суд кои се тргнати настрана од предметите на СЈО. Тие предупредуваат дека за случаите во кои е предвидена затворска казна до 5 години, можно е обвиненијата и целосно да се отфрлат.

    Овие судии до вчера со распоредот на в.д. претседателот Стојанче Рибарев,  но и со претходниот на експретседателот на судот Владимир Панчевски, сосема беа тргнати од предметите на СЈО.

    Досега за случаите во кои се бараа мерки притвор или мерки на претпазливост, комплетните предмети со обвиненијата, се наоѓаа пред Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1, кој ги одби сите притвори, до еден. Допрва ќе се распоредуваат кај судиите кои треба да ги оценат, т.е. прифатат или отфрлат овие обвиненија  и допрва тече рокот од осум дена, обвинетите да поднесат приговор против обвиненијата.

    Но,  пред да бидат однесени кај судиите за процена на обвиненијата, ќе има и жалбена постапка. Специјалното јавно обвинителство најави жалби до Апелациониот суд Скопје, зашто освен што задржа пасоши, сите мерки за притвор и барања за забрана за вршење на дејноста на обвинетите, кривичниот совет ги одби. Дури кога ќе заврши жалбената постапка од 48 часа во Апелациониот суд Скопје, обвиненијата ќе може евентуално да се најдат пред седумтемина судии од обичен и организиран криминал.

    Тука се отвара можноста судиите – проценители дополнително да ги заплеткаат и одолговлечат обвиненијата за сите 17 случаи на СЈО, сметаат судии од Основниот суд Скопје 1.

    Едната можност е судијата или советот за проценка, по повод приговорот, да најдат дека постојат грешки или недостатоци во обвинителниот акт, па да му го вратат  на СЈО за подобро разјаснување на состојбата. Може и да побараат истрагата да се дополни. СЈО ќе има време од три дена да го донесе исправен обвинителниот акт, или да достави барање за доспроведување на истрагата.

    Доспроведување на истрагата ќе значи кочење и одолговлекување на постапката на неодредено време.

    Но, седумте судии кај што се паднаа обвиненијата на СЈО, односно советите кај што се тие претседатели (за делата за кои е предвидено над пет години затвор мора да има совети од тројца судии), може и само да пресечат и да ги отфрлат обвиненијата. Особено е тоа лесно, велат судиите, кај обвинителните предлози каде што казната е помала од пет години затвор, за кои одлучува само еден судија.

    Право на жалба за отфрлените обвиненија СЈО ќе има, ама рок до кога Апелациониот суд  треба да одлучи, во Законот за кривична постапка нема.

    Судбината на 97-те поднесени обвиненија против физички и против седум правни лица е во рацете на судиите:

    -Моника Бахчовановска од одделот за кривични дела од полнолетни лица, која треба да ги цени обвиненијата за „Тотал“, „Тревник“, „Тифани“, „Титаник“ и „Тортура“

    -Горан Бошевски од одделот за организиран криминал и корупција, кај којсе паднаа за ценење обвиненијата за „Трезор“, „Тенк“ и еден од предметите кои стигнаа во петокот навечер во основниот суд Скопје 1, „Таргет“ и „Тврдина“ споени во еден, или „Титаник“ кај што се бара притвор за експремиерот Никола Груевски

    -Ивица Стефановски од одделот за организиран криминал, кај кој е распределен предметот „Тендери“ и еден од предметите кои стигнаа во петокот навечер во основниот суд Скопје 1, „Таргет“ и „Тврдина“ споени во еден, или „Титаник“ кај што се бара притвор за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и ексминистрите Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески

    -Лидија Петровска, која го доби предметот „Тарифа“

    -Верка Петковска, која ќе го цени обвинението за предметот „Титаник-2“

    -Ленка Давитковска е за обвинението за предметот „Топлик“

    -Татјана Михајлова, која ќе ги цени обвиненијата на СЈО за  предметите „ТНТ“ и „Траекторија“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира