СЕГА ИВАНОВ ЌЕ ПРОГЛАСИ ВОЕНА СОСТОЈБА, СИТЕ ЌЕ ВЕ УАПСИМЕ, МУ РЕКОЛ НАПАЃАЧ СО ФАНТОМКА НА СПАСОВСКИ НА 27 АПРИЛ

    СЕГА ИВАНОВ ЌЕ ПРОГЛАСИ ВОЕНА СОСТОЈБА, СИТЕ ЌЕ ВЕ УАПСИМЕ, МУ РЕКОЛ НАПАЃАЧ СО ФАНТОМКА НА СПАСОВСКИ НА 27 АПРИЛ„Јас бев убеден дека жива глава од таму нема да извлечеме“, сведочеше денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за 27 април. - Спасовски пристигнува во Основниот суд Скопје 1 (Фото: К. Попов)

    Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски сведочеше дека еден од напаѓачите со фантомки му рекол „сега Иванов ќе прогласи воена состојба, сите ќе ве уапсиме“ на денешното судење за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017.

    „Полицијата ниту еден од тие што не тепаа, не го приведе. Како да дошле на концерт, ги пуштија да си заминат. Еден од тие со фантомки тогаш ми рече: ‘Сега Иванов кога ќе прогласи воена состојба, сите ќе ве уапсиме’. Ти си луд, му реков“, сведочеше Спасовски на денешното рочиште на судењето, во кое 33-ца се обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста за организираниот напад на Собранието.

    Претседателот Ѓорге Иванов вечерта по организираниот напад на Собранието имаше обраќање од претседателската вила и ги повика лидерите на парламентарните партии на лидерска средба, иако двајца од лидерите, Зоран Заев и Зијадин Села, беа тешко повредени. Лидерската средба не се одржа.

    Додека ги извлекувале, сведочеше Спасовски, Собранието си било полно со луѓе, со фантомки, со дрва, шипки и други орудија.

    „Удирање со сè и сешто по нас, а реакција на полицијата никаква. Правеа јамки од каблите првин кон Заев, го промашија. Јас фатив една со раце. Јамките беа за да не извлечат од кордонот. Тепање, насилство, закани. Заев, тебе сега ќе те убиеме. Тебе кумановец ќе те убиеме, ми се закануваа и мене“, кажа во судот Спасовски, кој на 27 април лани за време на организираниот напад на Собранието, меѓу другото, имал фрактура на носот но и повреда со метална шипка на каротидата на вратот.

    Спасовски, тогаш пратеник, им рекол на неговото обезбедување Љупчо Јаневиќ и Ацо Ангеловски да се јават и да побараат помош во МВР.

    „Се јавија, им рекле оттаму дека немаат наредба за постапување. Оставени бевме сами на себе. Тогашниот пратеник Љупчо Николовски беше повреден со исшилен колец. Го повредија Љупчо во главата. Му висеше кожа. Еден од тие што не бранеа заедно со Влатко Ѓорчев ја извади маицата и рече: ‘Еве ви, запрете го крварењето’. Јас нема да дозволам ниеден патриот да биде повреден. Влатко Ѓорчев бараше помош, им се јавуваше на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа никој не дојде горе во прес-салата,“, рече Спасовски.

    „Јас бев убеден дека жива глава од таму нема да извлечеме. Се слушна: Падна пиштолот. Се изгаси светлото во еден момент. Реков, сега е моментот за лишување од живот. За среќа, некој пак го вклучи“, раскажуваше во детали Спасовски.

    Во еден момент го видел претседателот на Собранието Талат Џафери како „клечи зад нив на подот и бара по мобилен помош од МВР“.

    Дури по два часа влегле првин алфите, на чело со Ивица Анчевски Пуки, а потоа и специјалците до солзавец и шок бомби.

    Пред Спасовски, денеска сведочеа Никола Тодоров, Весел Мемеди и Зоран Заев.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари