ИГОР ЈУГ И ВО СУДНИЦА МУ СЕ ЗАКАНИ НА ЗАЕВ, ПОБАРА ШАНСА ДА ДОКАЖЕ ДЕКА ИМА ХРАБРОСТ ДА ПУКА

    ИГОР ЈУГ И ВО СУДНИЦА МУ СЕ ЗАКАНИ НА ЗАЕВ, ПОБАРА ШАНСА ДА ДОКАЖЕ ДЕКА ИМА ХРАБРОСТ ДА ПУКАВториот ред напаѓачи беа со пиштоли во каишите, бараа чиста мета, но немаа храброст да пукаат, сведочеше премиерот Зоран Заев во судот пред 33-та обвинети за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 (Фото: СДК.МК)

    Тешко ми е што видов мои сограѓани кои со толку злоба во своите очи се обидуваа да допрат до нас и да одземат живот, го почна премиерот Зоран Заев сведочењето на судењето за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017, каде имал 6 расекотини на главата, на лицето и хематоми по целото тело.  Најтешко беше што во вториот ред зад напаѓачите шетаа луѓе наредбодавачи, кои шарајќи со очите бараа мета да пукаат, рече Заев. Тврди дека носеа оружје и оти тоа не можело да не се забележи.

    При вкрстено испрашување, на адвокатот на Игор Југ, за кого во обвинението се вели дека имал задача да го убие, Заев му одговори дека вториот ред вооружени, кои на каишите носеле пиштоли и барале чиста мета, најверојатно немале храброст да пукаат.

    Југ е еден од еден од 33-та обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста за организираниот напад на Собранието.

    „Освен што нема коса, тоа лице што го опишувам нема храброст ни да пука”, му рече Заев на Игор Југ кој исто така го испрашуваше, при што се гледаа в очи.

    „А дали ќе ми дадете прилика да ви докажам дека имам храброст да го направам тоа за кое велите дека не можам да го направам?“, му рече Југ на Заев.

    „Вие се заканувате Игор Југ, и тоа во суд. Ве предупредувам да престанете да се заканувате на сведокот“, го прекина судијката Добрила Кацарска обвинетиот Југ во заканите кон Заев.

    Заев рече дека се прашувал кај е полицијата, што прави, зошто не интервенира?

    „Стрепиш пред да пукне пиштол, пред истрел, да клекнеш доле. Овие два часа изгледаа цела вечност. Убијте го Заев, фатете го како знаете, викаа од толпата. Секоја секунда од тие 2 часа чекав да ми биде одземен животот“, сведочеше Заев кој рече дека бил многу исплашен и дека природно, како што рече, им се молел на луѓето од толпата да престанат со страотното насилство врз него и врз колегите пратеници од СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците.

    „Најтрауматично беше кога го видовме пратеникот Зијадин Села како лежи на подот неподвижен. Заев ти си следен. Еве го Села кај лежи мртов. А после тебе, и другите“, се заканувале напаѓачите.

    Пред Заев, денеска сведочеа пратеникот Весел Мемеди и ексминистерот за здравство Никола Тодоров, а треба да сведочи и Оливер Спасовски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари