СЕКОЈ ВТОР ВОЗРАСЕН ВО МАКЕДОНИЈА ПУШИ И ГОДИШНО ТРОШИ ПО 600 ЕВРА ЗА ЦИГАРИ, СЗО ВЕЛИ ДЕКА ТУТУНОТ МОРА ДА БИДЕ СКАП ЗА ДА Е НЕДОСТАПЕН

СЕКОЈ ВТОР ВОЗРАСЕН ВО МАКЕДОНИЈА ПУШИ И ГОДИШНО ТРОШИ ПО 600 ЕВРА ЗА ЦИГАРИ, СЗО ВЕЛИ ДЕКА ТУТУНОТ МОРА ДА БИДЕ СКАП ЗА ДА Е НЕДОСТАПЕНИстражувањето покажува дека во споредба со 2020 е зголемен интензитетот на пушење, при што повеќе од една четвртина од пушачите пушат над 20 цигари дневно, а речиси 40 проценти од 10 до 20 цигари. (Фото: К. Попов)

Во Македонија просечниот пушач во земјава годишно издвојува над 600 евра за цигари, што е повеќе од износот што се плаќа за здравствено осигурување, рече денеска министерот за здравство Сашо Клековски на националната конференција „Од податоци до политики: Како да ја намалиме цената на пушењето?“, во организација на тинк-тенкот Аналитика, во соработка со Светската здравствена организација (СЗО).

Програмската директорка на „Аналитика“, Тамара Мијевиќ-Спасова, презентирајќи ги резултатите од истражувањето спроведено врз 1.065 граѓани, кааж дека распространетоста на пушењето меѓу полнолетното население изнесува 50 проценти, а кога ќе се вклучат и производите со загреан тутун и електронските цигари, достигнува 54 проценти.

Истражувањето покажа дека секој втор возрасен граѓанин во земјата пуши, а доколку се земат предвид и новите никотински и тутунски производи, распространетоста на употребата достигнува 54 проценти.  Според анализите, и покрај многуте кампањи и апели за откажување од пушењето, бројот на секојдневни пушачи и интензитетот на пушење се зголемуваат, а цигарите стануваат сè подостапни во однос на куповната моќ на населението.

Истражувањето покажува дека во споредба со 2020 е зголемен интензитетот на пушење, при што повеќе од една четвртина од пушачите пушат над 20 цигари дневно, а речиси 40 проценти од 10 до 20 цигари. Загрижува и нискиот процент на обиди за откажување, а цигарите станале подостапни поради побавниот раст на нивните цени во однос на платите, и покрај тоа што пушачите месечно трошат речиси 4.800 денари за цигари.

„Ние имаме ситуација во која просечен пушач издвојува повеќе за пушење, отколку за здравствено осигурување. Носителите на осигурување годишно издвојуваат околу 500 евра, заедно со придружните осигуреници, мислам дека годишното здравствено осигурување е околу 420 евра, а велиме над 600 евра се издвојуваат годишно за цигари и мислам дека тоа е неодржлива ситуација, во која половина нација издвојува повеќе за да си наштети на здравјето, отколку што издвојува за да го заштити здравјето“, кажа Клековски.

Според министерот, прашањето за пушењето треба да се разгледува и преку достапноста на цигарите, односно преку цената што ја плаќаат пушачите, но и целото општество. Тој потсети дека новиот закон за забрана на пушењето е насочен кон намалување на пристапноста до цигарите, меѓу другото преку забрана на рекламирањето и нивно тргање од видното поле на потрошувачите.

„Ако треба да направиме некаков општествен консензус во однос на пушењето, за мене две прашања се клучни. Едното е дека не може да се пуши во затворен простор, а второто е дека не може да се продаваат цигари и слични производи на деца под 18 години“, рече Клековски.

Тој најави дека по донесувањето на законот ќе биде ставен посебен акцент на контролата на продажбата на тутунски производи на малолетници, посочувајќи дека според извештаите, повеќе од две третини од малолетниците не биле одбиени при обидот да купат цигари.

Клековски кажа дека цената е втор важен фактор за достапноста на цигарите и дека евтините производи што му штетат на здравјето стануваат полесно достапни. Според неговите пресметки, просечен пушач кој троши околу 270 кутии цигари годишно издвојува повеќе од 600 евра.

Клековски зборуваше и за можноста дел од приходите од акцизите и зголемувањето на цените на тутунските производи да се наменат за здравствениот фонд, со цел средствата собрани од производи штетни за здравјето да се користат за лекување на последиците од нивната употреба.

Во однос на Предлог-законот за заштита од пушење, Клековски кажа дека тоа е во комисиска расправа во Собранието. Потенцираше дека побарал да му се даде максимален приоритет, имајќи предвид дека по неговото усвојување ќе следуваат подготовките за спроведување, вклучително и обуки за инспекциските служби и активности на терен.

Во врска со акцизите, нагласи дека нивното утврдување не е во негова надлежност, но неговиот став е дека штетните производи не треба да бидат најевтини и лесно достапни на пазарот.

Претставникот на Светската здравствена организација (СЗО) во Македонија, Аким Али,  ги повика пратениците да го придвижат и усвојат законското решение нагласувајќи дека пушењето не им штети само на оние што пушат, туку и на целото општество преку пасивното пушење.

Посочи дека шест од десет лица при излегување во ресторани, на пијалак или при дружење се изложени на тутунски чад, што претставува сериозен ризик и за непушачите.

Како најефикасни мерки во борбата против пушењето претставникот на СЗО ги посочи зголемувањето на акцизите и цените на тутунските производи, заштитата на непушачите од изложеност на чад, обезбедувањето стручна помош за откажување од пушењето и посебната заштита на младите.

„Тутунот треба да стане ценовно недостапен за луѓето. Младите и оние што веќе користат тутун треба да застанат и да размислат пред да посегнат по парите во џебот за да купат тутун“ рече Али.

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира