Предлог-законот за заштита од употребата на производи од тутун или сродни производи уште се наоѓа на второ читање на Комисијата за здравство во Собранието. Осум амандмани се поднесени за овој Предлог-закон.
„Покрај мислењето на Светската здравствена организација, група на пратеници побарале дополнителни мислења за законот од домашни експерти и мислење од стопанствениците што се занимаваат со производство на тутунски производи. Штом пристигнат побараните мислења комисијата ќе ја продолжи постапката“, ни рекоа од Собранието.
Министерството за здравство во јануари го објави новиот Предлог-закон за заштита од пушење со кој се воведуваат драстични рестрикции за употреба на тутун, никотински производи и уреди за нивно консумирање. Претходниот министер за здравство Азир Алиу првично најави дека законот ќе почне да се применува од 1 март, но беше одложен поради реакции и забелешки од угостителите и тутунската индустрија. На 2 јуни Владата го усвои Предлог-законот, по што започна собраниската процедура. Предлогот е закочен уште од септември на второто читање.
Со ова законско решение, Македонија планира да ја намали високата стапка од 45% пушачи меѓу возрасната популација.
Меѓу предлозите во новото законско решение имало и предлог да се дозволат т.н. соби за пушење во институции, приватни фирми или угостителски објекти. Министерот за здравство Сашо Клековски на крајот на септември изјави дека е против предлогот за соби за пушење во објектите и вели дека Министерството дало негативно мислење бидејќи таквото решение би овозможило заобиколување на новите правила.
„Во одредени земји постојат пушачки соби, но тие се со такви техничко-технолошки решенија што ние не успеваме да го постигнеме ниту во нашите оперативни сали, а камоли во ресторан или друг простор. Сметам дека имавме продуктивен дијалог со угостителската комора и со другите чинители. Со оглед на поддршката што ја имаме од нивна страна, сметаме дека ова е оптимално решение и треба да искомуницираме со Собранието за законот да помине низ трите комисии и да биде ставен на пленарна седница за усвојување“, рече Клековски.
- КАФЕАНИТЕ ЌЕ МОРА ДА НАПРАВАТ ПОСЕБЕН ВЛЕЗ ЗА НЕПУШАЧКИ ДЕЛ, ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ ЗА ПУШЕЊЕ НА 24 МАРТ ЌЕ БИДЕ НА ВЛАДИНА СЕДНИЦА
- КАФЕАНЏИИТЕ ЌЕ ДОБИЈАТ ВРЕМЕ ДА СЕ ПРИЛАГОДАТ НА ЗАКОНОТ ЗА ПУШЕЊЕ, КАЖА МИНИСТЕРОТ АЛИУ
Со новиот закон се забранува производство, увоз и продажба на тутунски и никотински производи (вклучително и електронски цигари) кои содржат слатки, овошни или билни ароми, како и вкус на ментол. Една од најзначајните новини е целосната забрана за пушење во приватно возило доколку во него е присутно дете. Пушењето останува забрането во сите затворени јавни простории и угостителски објекти. Исклучок се дозволува само на отворени балкони и тераси на катовите, додека на приземните тераси пушењето ќе биде дозволено само ако се отворени од најмалку три страни и немаат прегради од стакло или најлон. Се забранува изложување на цигари и уреди во маркетите. Тие мора да бидат во затворени шкафови кои не се видливи за купувачите, а информациите за цените ќе се даваат само преку листа со азбучен ред.
Инспекцискиот надзор ќе го вршат повеќе институции, вклучувајќи ги пазарниот, санитарниот и трудовиот инспекторат, како и МВР. Физичко лице затечено како пуши на забрането место ќе се казни со глоба од 150 до 300 евра. Доколку казната се плати на лице место, таа изнесува 100 евра. Правните лица се соочуваат со казни од 2.000 до 5.000 евра, во зависност од нивната големина. Дополнително, доколку се утврди прекршок во објект, инспекторот може да изрече привремена забрана за вршење дејност до три месеци.
- ЗАКОНОТ ЗА ЗАШТИТА ОД ПУШЕЊЕ НЕМА ДА БИДЕ УДАР ЗА УГОСТИТЕЛИТЕ, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ АЛИУ
- СЕ ЗАБРАНУВААТ ЕЛЕКТРОНСКИ ЦИГАРИ СО ВКУСОВИ И ПУШЕЊЕ ВО КОЛА СО ДЕТЕ, КАЗНИТЕ ЗА ГРАЃАНИТЕ ДО 300 ЕВРА, ОБЈАВЕН НОВИОТ ПРЕДЛОГ-ЗАКОН
- УМИРААТ ПО 4.000 ПУШАЧИ ГОДИШНО, ДОКТОРИТЕ АПЕЛИРААТ ИТНО ДА СЕ СМЕНИ ЗАКОНОТ ЗА ЗАШТИТА ОД ПУШЕЊЕ
- УПОТРЕБАТА НА ЕЛЕКТРОНСКИ ЦИГАРИ КАЈ МЛАДИТЕ ПОРАСНАЛА ЗА 10 ОТСТО ЗА 4 ГОДИНИ, ДОКТОРИТЕ БАРААТ ИТНО ДА СЕ СМЕНИ ЗАКОНОТ ЗА ПУШЕЊЕ
Б. НЕСТОРОСКА



