СЕЛА ИГРА НА КАРТАТА ДЕКА ФИЛИПЧЕ НЕМА ДА ДОБИЕ МНОЗИНСТВО ВО СОБРАНИЕТО

    СЕЛА ИГРА НА КАРТАТА ДЕКА ФИЛИПЧЕ НЕМА ДА ДОБИЕ МНОЗИНСТВО ВО СОБРАНИЕТОЛидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села се надева дека повторно ќе се сретне со премиерот Заев за да разговараат пак за условите за нивно останување во коалицијата. - Зоран Заев; Венко Филипче; Зијадин Села (Фото: СДК.МК)

    Лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села се надева дека неврохирургот Венко Филипче како предлог за министер за здравство од СДСМ нема да добие 61 глас во Собранието поради тенкото владејачко мнозинство.

    Партиски извори за САКАМДАКАЖАМ.МК, велат дека Села уште тактизира со напуштањето на владината коалиција, иако му е јасно дека го бркаат од Владата со предлогот да му дадат измислено место вицепремиер за реформи, бидејќи се надева дека во Собранието, Филипче нема да ги добие потребните 61 глас за да биде избран за министер за здравство.

    Таквата надеж на Села, му ја дава моменталната математика со пратениците во Собранието кои ја поддржуваат владата.

    Коалицијата СДСМ и ДУИ има поддршка само од сигурни 60 пратеници. СДСМ има 49, ДУИ-10 и еден пратеник од Националната демократска преродба (НДП), или вкупно 60. Без двајцата пратеници од Алијансата за Албанците на Села, Филипче тешко ќе добие 61 глас.

    Власта дополнително ќе мора да ги убеди да гласаат за Филипче, Чедомир Саздовски, кој од ГРОМ стана независен пратеник и Амди Бајрам, кој ја напушти коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ и сега делува само како пратеник на Сојузот на Ромите.

    Енигма претставува и Движењето Беса, кои имаат 5 пратеници и уште се немаат произнесено дали ќе го поддржат пакетот со министри и заменици министри предложен од премиерот Заев.

    Алијансата за Албанците вчера одлучи да не ја напушта владината коалиција предводена од премиерот Зоран Заев.

    Зијадин Села го повтори ставот дека Министерството за здравство му припаѓа на Алијансата, иако Венко Филипче е предлогот за министер за здравство кој веќе е испратен и во Собранието.

    „Ќе видиме дали тоа ќе биде така кога ќе гласаме во Собранието. Ако се одлучи дека Венко Филипче ќе биде министер, ќе бидете известени за понатамошни чекори што ќе ги преземе Алијансата за Албанците“, рече Села.

    Лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села се надева дека повторно ќе се сретне со премиерот Заев за да разговараат пак за условите за нивно останување во коалицијата.

    „Ние одлучивме дека ќе бидеме дел од владата за реализација на програмата која им ја ветивме на гласачите. Ветивме дека ќе ги отвориме и деблокираме процесите, ветиме дека лидерот на Собранието ќе биде Албанец, дека законот за албански јазик ќе биде одобрен и дека ќе се отворат судските предмети. Процесите започнаа и се очекува да се реализираат во иднина“, рече Села, по вчерашниот состанок на Централното собрание кое се одржа во Гостивар.

    Премиерот Зоран Заев ги достави предлозите за министер за здравство и за министер без ресор до Собранието. За министер за здравство, предложен е неврохирургот Венко Филипче од СДСМ, а за министер без ресор Ахел Ахмедовски, од ромската партија ПЦЕР. За заменик министер за образование предложен е Арб’р Адеми од ДУИ.

    До Собранието e испратен и предлогот за разрешување на заменик министерот за земјоделство, водостопанство и шумарство Власте Димковиќ, а на негово место предложен е Благе Цветковиќ.

    На собранискиот сајт, пакетот на министри и заменици министри не се ставени на дневен ред ниту на 25 ниту на 26 декември. Кога ќе бидат ставени, според собранискиот Деловник, одлучува претседателот на Собранието Талат Џафери.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира