СЕРИОЗНО СМЕ ЗАГРИЖЕНИ ДАЛИ ДРЖАВАТА ИМА КАПАЦИТЕТ ЗА ПРЕГОВОРИ СО ЕУ, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ МАНЧЕВСКИ

    СЕРИОЗНО СМЕ ЗАГРИЖЕНИ ДАЛИ ДРЖАВАТА ИМА КАПАЦИТЕТ ЗА ПРЕГОВОРИ СО ЕУ, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ МАНЧЕВСКИМанчевски вели дека иако јавната администрација е обемна, мал е бројот на луѓе кои вистински се јавна администрација, а во министерствата каде е и најголемиот товар има само 4.000 луѓе. (Фото: СДК.МК)

    Министерот за информатичко општество и администрација вели дека Владата е сериозно загрижена дали државата има капацитет за следните покрупни фази од преговорите со Европската Унија. Тој ова го изјави денес во Брисел за државната агенција МИА, при што апелира до сите чинители во или надвор од јавната администрација да се вклучат во претстојниот преговарачки процес со ЕУ.

    Владата најдоцна до средината на мај треба да објави нов предлог за преговарачката структура со ЕУ, која предвидува ангажман на висококвалификувани експерти од надвор од институциите.

    „Иако засега нема проблеми во однос на подготвителниот скрининг владата е сериозно загрижена за следните покрупни фази од преговарачкиот процес. Апелирам до сите граѓани, експерти, луѓе, кои работат во невладин сектор, во приватни компании, да размислат да се вклучат во овој процес. Ни требаат сите можни ресурси, ние ги немаме многу“, вели Манчевски.

    Министерот вели дека она што е проблем, а за што и јавноста е свесна, е дека иако бројот на вработени во јавниот сектор е прилично голем, вистинската јавна администрација е мала, односно дека тоа се 128 институции на централната власт, а дека таму има едвај 16.000 луѓе.

    „Од кои во министерствата каде што е главниот товар на преговори, скрининг, реформи се едвај над 4.000.Кога зборувам за мотивација на луѓе да се нафатат за оваа работа, не само за луѓе од надвор, кога зборуваме за преговарачка структура, зборуваме за еден пакт од луѓе од внатре прво, но зборуваме дека ќе треба и дополнителен капацитет, може и од некоја институција да дојде. Апелирам до тие што од која било причина се разотишле да размислат да се вратат, откако ќе добијар конкретна концептна понуда. Апелирам до нив, а концептот ќе го понудиме до средината на мај“, вели Манчевски.

    Според него со законот за висока раководна служба ќе се направи квалитетна разлика и департизација на јавната администрација. Со овој закон изборот на раководни функции треба да се врши по модел сличен на оној со антикорупциска комисија.

    „Од раководителите почнува сè. Не може да партизира тој што е на најниско ниво. Менаџерите треба да бидат отпорни. Јас да отидам некому да му речам ова треба да го направиш, тој треба да рече не. И за тоа треба да најдеме вистински луѓе, тоа ќе биде најдобриот одбранбен механизам, луѓе со огромен личен интегритет, како што е примерот со антикорупциска“, рече Манчевски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира