ШПАНИЈА ГО РАТИФИКУВАШЕ ПРИСТАПНИОТ ПРОТОКОЛ, МАКЕДОНИЈА И ОФИЦИЈАЛНО Е 30. ЧЛЕНКА НА НАТО

    ШПАНИЈА ГО РАТИФИКУВАШЕ ПРИСТАПНИОТ ПРОТОКОЛ, МАКЕДОНИЈА И ОФИЦИЈАЛНО Е 30. ЧЛЕНКА НА НАТОЗа прв пат во историјата во Сенатот се гласаше преку видео-конференциска врска и сите членови гласаа „за“. (Фото: принтскрин/Шпански Сенат)

    Шпанскиот Сенат денеска го ратификуваше Протоколот за членство на Македонија во НАТО. Со тоа сите земји членки на Алијанската го потпишаа Протоколот, со што Македонија и официјлно стана 30. членка на НАТО.

    Поради состојбата со епидемијата на КОВИД-19 Сенатот не работи од минатата недела, но во четвртокот беше закажана вонредна седница, со единствена точка на дневен ред, гласање за пристапниот Протокол. За прв пат во историјата во Сенатот се гласаше преку видео-конференциска врска и сите членови гласаа „за“.

    „Од сега натака се работи за форма и церемонија. Ова е историски ден, после три децении денеска завршуваме со стремежот да бидеме дел од НАТО семејството. Сега ратификацијата ќе се испрати до Стејт Департментот, од каде ќе се достави известување до НАТО во Брисел. Потоа ние ќе го депонираме нашиот Закон за членство во НАТО што беше ратификуван пред распуштање на Собранието“, кажа министерот за надворешни работи Никола Димитров.

    Ратификувањето на Протоколот, министерот Димитров во владата го следеше заедно со амбасадорот на Шпанија Емилио Лоренцо Сера.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари