ШТИПЈАНКА ПОЧИНАЛА ОД КОРОНАВИРУС ИАКО ИМАЛА ПЕТ НЕГАТИВНИ ТЕСТОВИ

    ШТИПЈАНКА ПОЧИНАЛА ОД КОРОНАВИРУС ИАКО ИМАЛА ПЕТ НЕГАТИВНИ ТЕСТОВИОд Центарот за јавно здравје велат дека белодробната пневмонија се третира како коронавирус и причината за смртта се смета како да е од ковид-19, а од Клиничката болница велат дека пациентката била во сериозна состојба каква што ја имаат болните од коронавирус; - Пред Инфективното одделение во Штип секојдневно има голем број пациенти кои чекаат да бидат прегледани, хоспитализирани и испитани за ковид-19. (Фото: СДК.МК)

    На Инфективното одделение во Штипската болница починала 55-годишната штипјанка Ругмин Хусеинова, иако имала пет негативни тестови.

    „Мајка ми ја погребавме како почината од ковид-19. На Инфективно три дена ја третирале како болна од коронавирус, а сите пет тестови што ги направиле биле негативни. Таа имаше малаксаност и беше поспана. Матичниот доктор ни даде упат за Инфективно, каде ѝ беше измерена телесна темпаратура од 36, 1, ама кога веќе сум ја донел рекоа дека ќе ја примат како да е заразена од коронавирус и така ќе ја третираат“, вели нејзиниот син кој се сомнева во дијагнозата.

    Од Центарот за јавно здравје велат дека белодробната пневмонија се третира како коронавирус и причината за смртта се смета како да е од ковид-19, а од Клиничката болница велат дека пациентката била во сериозна состојба каква што ја имаат болните од коронавирус.

    „Пациентката имаше кашлица, масивна пневмонија и сатурација од 40 проценти што се карактеристични симпотоми за пациенти со ковид-19. Беше поставена на кислородна поддршка, дадена е антибиотска, антикоагуларна и витаминска терапија, но и покрај адкватниот третман, пацентката заврши со летален исход“, соопшти Клиничката болница во Штип.

    Од болницата велат и дека до крајот на денот ќе се знае извешатајот на внатрешната комисија која требаше да ги испита условите под кои починала 41-годишната пациентка од Берово. Ќерката на починатата жена пред неколку дена на Фејсбук објави скриншотови од нејзиниот телефон, каде се гледа дека хоспитализираната жена 2 дена упорно од болничкиот кревет им вртела на медицинските сестри, им пратила и смс-порака дека ѝ треба кислород, но според скриншотовите, никој не ѝ вратил ниту дошол, по што починала. Според нејзината ќерка, жената претходно немала никакви заболувања, а на Инфективното одделение се лекувала од 6 ноември. Ќерката, исто така, објаснува дека не добивале никакви информации за состојбата на мајка ѝ. Таа денеска на Фејсбук објави дека се случиле и нови грешки оти кога дошле да земат смртовница, од Инфективното одделение им дале написмено извештај дека пациентката починала пред еден месец и била заведена како пациент од Делчево, а не од Берово, како и тоа дека корекциите биле направени со шкртање и со обично пенкало.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира