Претседателката на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници Тамара Чаусидис повика на протест утре напладне пред Влада поради навредите на функционерот на ДУИ Бекир Асани упатени кон претседателот на Здружението на новинари на Македонија Насер Селмани во интервјуто за „Мактел“.
Чаусидис во објавата на Фејсбук вели дека напад врз претседател на ЗНМ е напад врз сите новинари, откако Асани, меѓу другото, го нарече Селмани копиле.
„Утре (понеделник 12. март) во 11 часот се собираме пред ЗНМ, од каде по кусата координација ќе се упатиме пред Владата на Република Македонија од која со протест во 12 часот ќе побараме на дело да покаже дека се залага за функционирање на секој сегмент на правната држава, особено кога во прашање е слободата на говор и физичкиот интегритет на новинарите. Повод за протестот се заканите упатени кон претседателот на Здружението на новинари, Насер Селмани, од страна на висок партиски функционер на коалициониот партнер во владата, ДУИ, Бекир Асани. Контроверзниот Асани ужива углед на недопирливост и неказнивост, а неговите последни навреди и закани упатени кон Селмани имаат цел да ги заплашат сите новинари. Ова не е само протест за поддршка на колегата Насер Селмани кој е изложен на сериозни закани и притисок, туку и порака до сите граѓаните кои се загрижени за окрепнувањето и чувањето на темелните вредности на правната држава како слободата на говор и владеењето на правото. СИТЕ КОПИЛИЊА НА ПЛАДНЕ ПРЕД ВЛАДА!“, напиша Чаусидис во повикот на социјалната мрежа.