СИСТЕМИ ЗА ПРИСЛУШУВАЊЕ БИЛЕ ВГРАДЕНИ И НА ЦЕНТРАЛАТА ВО ОСНОВЕН СУД СКОПЈЕ 1, РЕЧЕ ЗАЕВ

    СИСТЕМИ ЗА ПРИСЛУШУВАЊЕ БИЛЕ ВГРАДЕНИ И НА ЦЕНТРАЛАТА ВО ОСНОВЕН СУД СКОПЈЕ 1, РЕЧЕ ЗАЕВ„Ги охрабрувам институциите да продолжат со вакви храбри изјави и вакви храбри истраги, сѐ додека не станеме нормална земја. Без владеење на правото и без одредување на одговорноста не може да очекуваме никаква перспективa“, рече Заев (Фото: СДК.МК)

    Системи за следење на комуникaциите освен во Јавното обвинителство биле ставени и на централата за внатрешна комуникација во Основен Суд Скопје 1, рече премиерот Зоран Заев. Тој вели дека според информациите со кои располага во моментот кога се монтирале централите во институциите биле вградени и уреди за прислушување.

    Државниот обвинител Љубомир Јовески на денешниот брифинг обелодени дека Јавното обвинителство е цели две години снимано, а дека постојат 2 хард-диска во просториите кајшто е сместена телефонската централа кои се со снимени телефонски комуникации од 30 септември 2016 до денес.

    „Кога новите опреми во институциите се монтирале за внатрешната комуникација биле ставени вакви хард-дискови за снимање. Некаде биле ставени во употреба, некаде не биле ставени во употреба. Знам дека уште при самата промена на раководители, тоа го забележале и го пријавиле и истрагата е почната уште од тогаш. Сите детали ќе може да ги дадат истражните органи. Но, мене ми е важно да се направи јасна дистинкција дека тоа е правено некаде 2016 година, дали летото или септември. Тоа го дигна алармот уште тогаш и во сите други институции каде имаат системи за внатрешни комуникации, таканаречени централи. Еве истрагата е на крај и се надевам овие денови ќе се дознаат нови детали“, рече Заев.

    Тој кажа дека за истрагата бил информиран во моментот кога бил информиран и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и дека истрагата почнала уште пролетта.

    „Истрагата ќе покаже кој тоа го користел, кој тоа го злоупотребил. Верувам дека ги имаме сите наоди. Тоа само покажува колку била упропастена Македонија, тоа се сериозни работи и нема играчка за вакви работи, се работи за приватноста на луѓето“, рече Заев.

    Тој кажа дека се следела комуникацијата внатре и во интерната комуникација што и како работатат јавните обвинители и јавните истражители.

    „Тоа е само уште една потврда колку е руинирана Македонија и колку е важно да го вратиме правниот систем, колку е важна борбата против корупцијата и севкупниот криминалитет во Република Македонија. Ги охрабрувам институциите да продолжат со вакви храбри изјави и вакви храбри истраги, сѐ додека не станеме нормална земја. Без владеење на правото и без одредување на одговорноста не може да очекуваме никаква перспектива. Остануваме сериозни борци за правната држава и борба против криминалот и сѐ она што се случува во Македонија од периодот на режимот, кој се надоврзува и досега и никој не може да каже до каде стигнало големото уво да се следи сѐ и сешто во Македонија. Се надевам дека истражните органи ќе ги дадат сите одговори пред граѓаните“, рече Заев.

    Според упатени во технологијата, не станува збр за никаква опрема за прислушкување туку за обична IP телефонска централа која, меѓу другото, има опција и за снимање разговори. Вакви IP телефонски централи има во бројни фирми и сите поддржуваат снимање разговори, затоа што има потреба за тоа (снимање на разговори со корисници за пример).

    „Проблемот е во тоа што некој ја активирал таа функционалност, а не смеел, а не дека е набавена којзнае каква опрема за прислушкување“, велат упатени во технологијата.

    На обвинувањата од опозицијата дека уредите за прислушување биле монтирани во време на Пржинската влада кога технички министри за внатрешни работи и за труд и социјала беа Оливер Спасовски и Фросина Ременски, премиерот рече дека во времето кога се набавени телефонските централи во Јавното обвинителство и во Основен суд Скопје 1 се знае кој раководел со нив и дека бегање од одговорноста нема.

    „Истрагата ако покаже дека тоа е со нивно знаење, а тоа се тие што ги потпишуваат набавките на тие централи ќе си понесат одговорност. ВМРО-ДПМНЕ која дава вакви изјави беше главниот поддржувач на ваквите начини на работење и владеење во државата. За мене како претседател на Владата е важно да понесе одговорност секој оној кој што се дрзнал и да помисли, а не па да вгради вакви системи на следење, со кои се нарушува приватните комуникации на граѓаните, без оглед дали се приватни надвор од работа или се службени комуникации“, рече Заев.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира