СИСТЕМОТ ПОДДРЖУВА НЕКАЗНИВОСТ И КОРУПЦИЈА, А НЕ ПРАВО И ПРАВДИНА, ВЕЛИ РЕПРЕСИРАНАТА ОБВИНИТЕЛКА ЛЕНЧЕ РИСТОСКА

    СИСТЕМОТ ПОДДРЖУВА НЕКАЗНИВОСТ И КОРУПЦИЈА, А НЕ ПРАВО И ПРАВДИНА, ВЕЛИ РЕПРЕСИРАНАТА ОБВИНИТЕЛКА ЛЕНЧЕ РИСТОСКАСистемот е повеќе заинтересиран да обезбеди неказнивост, да поддржи корупција, отколку што е заинтересиран да застане на патот на правото и правдата, вели Ристоска за спасувањето на криминалци, дел од нив ставени на црната листа на САД. (Фото:Ѓ. Личовски)

    Само што ѝ поведоа постапка дека многу зборувала и ги критикувала, Советот на јавни обвинители го доби истото што им го зборуваше обвинителката Ленче Ристоска во пишана форма  и како правила, од Европскиот совет на јавни обвинители. Членовите на Советот сами се посрамија пред Европа, па сега ја ублажуваат цензурата во Кодексот.

    Иако Ристоска е победникот, таа веќе не се кандидира за унапредување, зашто кариерата овој состав на Советот, се чини засекогаш ѝ ја запечати. И постапката против неа не ја повлекува или завршува.

    Правилата од Европскиот Совет на обвинители се:

    – Процесот на функционирање и одлучување на советите на обвинители треба да биде регулиран со пишани и транспарентни правила по можност усвоени со закон. Таквите правила треба да обезбедат особено кворум, процедура за гласање и мнозинство за донесување одлука. Ако е потребно, деталните прописи на Советот на обвинители треба да бидат усвоени од страна на самиот совет.

    -Одлуките на советите на обвинители со влијание врз кариерата на обвинителите треба да бидат образложени, а оние кои имаат обврзувачка сила можат да бидат предмет на судска ревизија за иницијатива на засегнатиот обвинител.

    -За да се зајакне довербата на јавноста во правосудниот систем, советите на обвинители треба да дејствуваат транспарентно и да бидат одговорни за своите активности, преку периодични извештаи или други соодветни средства.

    • Обвинителкe Ристоска, дали вашите укажувања дека Советот на јавни обвинители тргува, носи одлуки со влијанија, е запечатување на вашата кариера за унапредување? Тоа што членовите не гласаа за вас, а не кажуваат зошто, е порака дека вас никогаш нема да ве унапредат зашто отворено ги критикувате?

    Па во некој контекст, да. Јасна е пораката која што ја добив од Советот веќе двапати и во оваа насока не ни гледам зошто би се кандидирала и по третпат, па затоа на последниот оглас за Вишото јавно обвинителство на Скопје не се кандидирав. Друга причина што не се кандидирав е и тоа што веќе имам дадено и аплицирано на оглас за избор на Јавен обвинител за врски во Европравда, за кој сè уште нема одлука. Но, на прашањето за тргувањето со влијание, токму оваа моја изјава што ја дадов на конференција на која се дебатираше за отворени прашања важни за процесот на членство во ЕУ, беше причина Советот да покрене постапка против мене пред Етичкиот совет како што кажавте, токму за непочитување на Кодексот. За потсетување, членот на Кодексот врз основа на кој против мене ја покренаа постапката, всушност е донесен откако јас претходно упатив јавна критика за недостатокот на транспарентност на Советот при изборот на јавни обвинители во Вишото обвинителство. Ќе потсетам и дека пред овој оглас, во јавноста излегоа списоци на кандидати коишто подоцна беа избрани, а моментално немам информација до каде е постапката против мене пред Советот.

    • Нетранспарентноста е страв да не се дознае дека апла бил наместен изборот на обвинители? Зошто ако член на Советот е сигурен дека го дал гласот за најдобриот од сите кандидати, да не го каже тоа јавно? Или да не каже зошто не гласа за друг обвинител?

    Токму тоа се и моите прашања. Зошто Советот не се одлучува да биде транспарентен во делот на критериумите преку кои се раководи за избор на обвинители? Во овој контекст ќе потенцирам уште нешто многу важно: постои пракса на Европскиот суд за човекови права во Стразбур со која Судот се осврнува на ваквите практики како што ги има Советот на јавни обвинители за водење дисциплински постапки против тие кои гласно ги коментираат состојбите. Стразбур на ваквите појави гледа како на појави кои имаат т. н. чилинг ефект, или застрашувачки ефект. Тоа, всушност, е ефект насочен за страв од санкција од слободно изразување врз сите оние кои имаат намера јавно да критикуваат состојби во обвинителството. И оттука прашањето е: Кога некој поставува прашање за тоа зошто отсуствува транспарентност, мене не ми е јасно зошто Советот на јавни обвинители тоа го доживува како напад, кога едноставно само треба членовите да дадат одговор зошто се притаени и нетранспарентни.

    • Вашите забелешки не останаа осамени, поткрепа на сè ова што го кажавте сега овој месец даде Европскиот совет на ЈО. Баш три од нив се за она за кое ве земаа на заб и ве пријавија во Советот за етика. Ќе сфати ли конечно Советот што му зборувате или и натаму ќе ви се одмаздува?

    Јас се надевам дека Советот ќе ја земе предвид оваа препорака на Консултативниот совет на европски јавни обвинители, која што е донесена сега во ноември. Станува збор за препорака чија цел е афирмација на Советите за јавни обвинители како тела за саморегулација на Обвинителствата, со цел да се зголемат независноста, транспарентноста, но од друга страна и да се афирмира мерит системот при избор и унапредување на јавните обвинители. Ние од друга страна, пак, имаме Совет кој согласно изјавата на претседателката постапува, односно носи одлуки врз основа на дискреционо право. Да се има Совет на ЈО кој функционира на база на дискреционо право, без да има јасни метрики за евалуација на кандидатите, е спротивно на целта поради која тој Совет постои.

    На прашањето: „Какво е тоа безобразие властите овде да лапаат милиони од Владата на САД за помош во судството, а кога таа Влада ќе означи криминалци кои може да ги загрозат и американскиот систем и економија, да ѝ вратат вака со шлаканица в лице?“, Ристоска замислено одговара: „Немам зборови“. (Фото: Ѓ. Личовски)

    • Сменија Кодекс на Јавните обвинители по вашите критики дека Советот не објаснува зошто некои обвинители ги унапредува, а некои како вас само ги прескокнува. Воведоа цензура за да ве замолчат. Па сега нешто изменија под притисок на ЕУ. Дали е вратена сега слободата на говор во Обвинителството?

    Кон последните измени на Кодексот се пристапи, би потсетила, откако во скрининг Извештајот на ЕК од јули 2023 година беше нотирано дека одредбите од Кодексот кои се со рестриктивна природа, кои ја ограничуваат можноста да се коментираат одлуките, мора да се сменат. Друго е прашањето каков е квалитетот на промената на одредбите на Кодексот. Да, тргната е забраната за коментирање на одлуките на Советот, но како што посочи претседателката, воведена е одредба која што гласи дека јавните обвинители треба да внимаваат при јавните настапи на својот личен и професионален углед, како и на угледот на Јавното обвинителство и на Советот на јавни обвинители. Ова во суштина треба да значи дека обвинителите треба да внимаваат кога даваат коментари во негативен контекст за работата на Советот, бидејќи така би го нарушиле нивниот углед. Според мене, не е работа на еден обвинител да се грижи за угледот на Советот, туку за тој углед треба да се грижат членовите на Советот, преку својата работа и преку професионално постапување. На пример, ако во јавност излегуваат предвреме списоци за тие што треба да бидат унапредени, ако не се следи при изборот листата на обвинители од Академијата за судии и јавни обвинители, за сето ова одговорност имаат членовите на Советот, а не Ленче.

    • Кој е вашиот коментар за фрлање на буниште сè што сработевте во СЈО за гонење на високата корупција, со измени на Kривичниот законик (КЗ) преку ноќ? Законодавната власт, Владата и партиите не го вадат од уста судството и обвинителството, па се надевам и вие ќе си дозволите да кажете нешто за оваа штета што ја направија. Дали го делите впечатокот дека се донесоа за спасување на функционери и можни луѓе од бизнисот, дел и од црната лиска на САД?

    Измените на КЗ де факто се насочени кон спасување од кривично гонење на високопрофилни личности во ова општество без оглед на политичката провиниенција, доминантно во случаи на висока корупција. Ова веќе се покажа во случаите на СЈО, но освен неказнивост, измените на КЗ допрва ќе предизвикаат дополнителни импликации на Буџетот. Ќе имаме штета на Буџетот на државата. Самото тоа што измените поминаа експресно во неколку дена, а ние сè уште немаме распишано оглас за избор на нов Државен јавен обвинител во ситуација кога на 27 декемри оваа година му завршува мандатот на актуелниот, говори за приоритетите на системот во однос на прашањето за борба против криминал и корупција, правда и правна држава. Кога системот е дисфункционален и кога сака да ги прикрие своите слабости и афинитети, тогаш сме сведоци како институциите меѓу себе си ја префрлаат одговорноста за таа дисфункционалност. Тоа води до состојба одговорноста да е и сечија и ничија, и никој конкретно не сноси последици.

    Да се има Совет на јавни обвинители кој функционира на база на дискреционо право, без да има јасни метрики за евалуација на кандидатите, е спротивно на целта поради која тој Совет постои, смета Ристоска. (Фото: Ѓ. Личовски)

    • „Ние нема да дојдеме во Северна Македонија да апсиме некого или да почнеме правен процес против нив, но интересно ќе биде да се види какви дејствија ќе бидат преземени по означувањата. Не е моја работа како амбасадор на САД да им кажувам на институциите тука што треба да преземат“, рече амбасадорката Агелер на 20 јули. На 6 септември, пратениците ги амнестираа криминалците. По оваа дрскост, ќе има ли Македонија последици од САД?

    Прашањето за последиците не можам да ви го одговорам, бидејќи навистина и не знам дали ќе имаме последици од таа перспектива. Можам да кажам дека апсолутно се согласувам со изјавата на амбасадорката. Тоа е прашање што ние интерно тука треба да го адресираме. За мене, искрено застрашувачки се последиците од неказнивоста која се протежира од највисоките чинители во општеството. И ако го погледнеме степенот на протежирање на неказнивост и степенот на корупција како моментално најгорливиот проблем на нашето општество, некако јас добивам веќе впечаток дека не се ова слабости на системот или некои девијантни појави, туку веќе имаме ситуација кога овие појави стануваат афинитет на системот. Системот е повеќе заинтересиран да обезбеди неказнивост, да поддржи корупција, отколку што е заинтересиран да застане на патот на правото и правдата.

    • Какво е тоа безобразие властите овде да земаат милиони од Владата на САД за помош во судството, а кога таа Влада ќе означи криминалци кои може да ги загрозат и американскиот систем и економија, да ѝ вратат вака со шлаканица в лице?

    Немам зборови.

    • Зошто судовите толку ги заглавија предметите на СЈО за највисока корупција? Дали уште од одма се знаеше дека политички се ќе биде испеглано на крајот, што би рекол еден мнoгу моќен обвинет, сега спасен и ослободен од сè живо што имаше како обвинение? Дали се согласувате со коментарите на судиите дека вие обвинителите сте биле криви што место по неколку, сте поднесувале по стотици докази?

    Кога еден предмет ќе влезе во судска постапка, единствен одговорен за менаџирање на тој предмет и господар, е судот. Обвинителот може да има одговорност само ако не се појавува на судските рочишта и поради него се одлагаат рочиштата. Одговорноста секогаш ќе се префрла меѓу судовите и обвинителствата и тоа е исклучиво со цел да нема краен виновник и да нема одговорност. Апсурдно е да се тврди дека постапките долго траат затоа што имаат многу докази, заради тоа што обвинителството си ја сработило работата и обезбедило огромен број на докази. На светско ниво, а богами и кај нас низ историјата, сведоци сме дека имало предмети во кои имало и тоа како бројни докази, бројни обвинети и сведоци, кои што предмети го виделе својот крај. Се трудам да не сум субјективна за предметите на СЈО, во кои сум инволвирана и јас во тие предмети, но еве од дистанца кога ги гледам работите, кај мене преовладува перцепцијата дека долгото траење на овие постапки, се злоупотреби на некој начин, за одредени политички цели.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира