СИСТЕМОТ ЗА ЗАШТИТА И СПАСУВАЊЕ НЕ Е ПОДГОТВЕН ЗА ЕФИКАСЕН ОДГОВОР, ВЕЛИ ДРЖАВНИОТ РЕВИЗОР ЗА ДЗС

    СИСТЕМОТ ЗА ЗАШТИТА И СПАСУВАЊЕ НЕ Е ПОДГОТВЕН ЗА ЕФИКАСЕН ОДГОВОР, ВЕЛИ ДРЖАВНИОТ РЕВИЗОР ЗА ДЗСРевизорите констатирале дека оперативните сили се соочуваат со недоволна пополнетост со човечки ресурси, недостиг на опрема и отсуство на механизми за следење на нивната ефективност, се наведува во соопштението. (Фото: Архиваска фотографија)

    Системот за заштита и спасување во Македонија не располага со потребната стратешка, институционална и оперативна подготвеност за ефикасен одговор, се вели во ревизорскиот извештај за Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) за 2025 година на Државниот завод за ревизија (ДЗР).

    Според ревизорите, шумските пожари се еден од по изразените ризици од катастрофи поради климатските промени. Според податоците на ЈП „Национални шуми“, во периодот 2023 – 2025 година евидентирани се 82.714 хектари изгорена површина, 914.657 метри кубни изгорена дрвна маса и штети во износ од 133.663.967 евра, при што само во 2024 година штетата изнесува 83.121.333 евра.

    Слабостите и потребата од реформи во системот за заштита и спасување се констатирани уште со скринингот спроведен од ЕУ преку Европскиот механизам за цивилна заштита во 2018 година, но до денот на ревизијата, иако се преземени повеќе иницијативи, реформите не се спроведени.

    ДЗР констатира дека не е донесена национална стратегија за заштита и спасување како стратешки документ за дефинирање цели и приоритети, при што последната е со важност до 2018 година.

    Изготвена е нацрт-стратегија за периодот 2026 – 2030 година, која не е усвоена, а не е донесена и годишна програма за заштита и спасување за спроведување на стратегијата. Дополнително, планот за заштита и спасување не е ажуриран, а воедно во ревизијата не е презентиран доказ дека е усвоен од страна на Владата. Процената на загрозеност од природни непогоди и други несреќи е донесена во 2007 година, таа не е ажурирана во согласност со новите ризици и современите услови. Исто така, не е донесена нова методологија за содржината и начинот на проценување на опасностите и планирањето на заштитата и спасувањето“, велат од ДЗР.

    Ревизорите констатирале дека оперативните сили се соочуваат со недоволна пополнетост со човечки ресурси, недостиг на опрема и отсуство на механизми за следење на нивната ефективност, се наведува во соопштението.

    Како пример е наведена Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, која е одговорна за заштита и спасување на речиси 617.000 жители на површина од 1.818 квадратни километри. Во 2024 година бригадата реализирала 1.412 интервенции по пожари и 161 техничка интервенција. Од 384 систематизирани работни места за пожарникари, пополнети биле само 172. Утврдена е и застарена противпожарна опрема, што, според ревизијата, влијае врз оперативната подготвеност и ефикасноста.

    Со ревизијата утврдени се слабости и во управувањето со воздушните сили за справување со шумски пожари, во делот на човечките ресурси, логистиката и набавките, што влијае врз економичноста, ефикасноста и ефективноста и не обезбедува доволна оперативна подготвеност за навремено справување со пожари и други катастрофи.

    Ограничени капацитети се констатирани и кај инспекцискиот надзор. Годишно се реализираат меѓу 1.168 и 1.369 надзори со само 14 до 17 инспектори.

    Директорот на ДЗС Стојанче Ангелов, вели дека за слабостите што ги наведуваат ревизорите укажувал и самиот, прво како директор на Центарот за управување со кризи (ЦУК), а сега и како директор на ДЗС. Според него, дел од проблемите значително се намалени со измените на Законот за управување со кризи од минатата година, како и со измените на Законот за заштита и спасување од јуни годинава.

    Тој вели дека „ер тракторите“ годинава биле сервисирани навреме и ставени во функција пред почетокот на сезоната на пожари, додека бројот на противпожарни возила постепено се зголемува.Како пример ги наведува 23 „пинцгауери“, 15 БТР и пет „хермелини“ кои се пренаменети во противпожарни возила.

    Како значаен чекор Ангелов ја издвојува и законската измена со која во итни ситуации директорот на ДЗС може директно да нареди ангажирање на републичките сили за заштита и спасување.

    „Со оваа измена се прескокнуваат сите претходни бирократски усложнувања и успорувања во итни ситуации бидејќи директорот на ДЗС е овластен да нареди ангажман на било која единица или дел од единица од Силите за заштита и спасување“, вели Ангелов.

    Тој додава дека годинава бил значително зголемен ангажманот на доброволните пожарникари преку Тимовите за брз одговор на ДЗС, што, според него, ја намалило потребата од дополнително ангажирање на полицијата и Армијата во гаснењето на комплексни пожари.

    Ангелов тврди и дека ова лето немало потреба од барање меѓународна помош за справување со пожарите. Напротив, според него, ДЗС за првпат во рамки на Европскиот механизам за цивилна заштита декларирала два „ер трактори“ за помош на други земји.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира