„СИСТИНА“ ОДБИ ДА ГИ НАМАЛИ ЦЕНИТЕ ЗА ЛЕКУВАЊЕ НА КОВИД БОЛНИ, „ЖАН МИТРЕВ“ ПРИФАТИ, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ

    „СИСТИНА“ ОДБИ ДА ГИ НАМАЛИ ЦЕНИТЕ ЗА ЛЕКУВАЊЕ НА КОВИД БОЛНИ, „ЖАН МИТРЕВ“ ПРИФАТИ, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ„Доктор Жан Митрев изрази спремност и денеска ќе потврди дали ќе ги намали цените за одреден процент“, рече министерот Филипче. - Приватната болница „Жан Митрев“. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Приватната болница „Аџибадем Систина“ нема да ги намали цените за лекување на ковид пациенти, а од приватната поликлиника „Жан Митрев“ изразија спремност да ги намалат цените, рече денеска министерот за здравство Венко Филипче.

    „Вчера имав состанок со медицинските директори на трите приватни болници. Државата нема формално-правен механизам да им наложи на приватните болници да ги намалат цените. Иако апелирав тоа да се направи поради тоа што е криза и пандемија, доктор Жан Митрев изрази спремност и рече дека денеска ќе потврди дали ќе ги намали цените за одреден процент. Од ‘Систина’ јасно ми кажаа дека тоа не можат да го направат поради тоа што немале економска логика“, кажа министерот при посетата на Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ во Скопје.

    Филипче утрово на својот фејсбук профил објави дека од утре осум лекари од приватното здравство се вклучуваат во поддршка на колегите од јавно-здравствените установи. На прес-конференцијата попладнево кажа дека тоа се пет лекари од „Систина“, двајца од „Ремедика“ и најверојатно еден од „Жан Митрев“.

    „Клучно е да го зголемиме капацитетот и човечките ресурси во битката со овој силен бран. Утрово, на редовната дневна координација со директорите на клиниките работевме на реорганизација на системот и обезбедување на потребните капацитети. Притисокот е огромен и на дневна основа се планира и надополнува со цел сите пациенти да добијат соодветна заштита“, напиша Филипче.

    Во салата „А1 арена Борис Трајковски“ во Скопје во тек е имунизацијата против ковид-19 на вработени во АРМ и на наставничките од прво до трето одделение. Заклучно до денес, ќе бидат искористени 7.500 вакцини „спутник“ од српската донација од 20 илјади дози. Филипче кажа дека во сабота ќе работат здравствените домови низ земјава за вакцинирање на лицата над 77 години, а исто така ќе тече процесот и во „А1 арената Борис Трајковски“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира