Техничкиот премиер Оливер Спасовски вели дека сите бомби СДСМ ги предал на Специјалното јавно обвинителство и ги повика институциите да истражат кој ги пуштил снимките меѓу пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски и неправосилно разрешениот претседател на Врховен суд Јово Вангеловски.
„Сѐ е предадено во СЈО и нема ништо останато во седиштето на партијата, ниту пак има потреба. Јас не ги слушнав снимките, но знам дека се објавени. Ги повикувам институциите да истражат од каде и зошто се пуштени. Треба да има нулта толеранција за оваа работа. Институциите и државните органи треба да си ја завршат работата, да преземат мерки и санкции“, рече Спасовски одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата за растот на бруто домашниот производ.
Вчера попладне на каналот Јутјуб беа објавени 5 телефонски разговори на Антонијо Милошоски со експретседателот на Врховен суд Јово Вангеловски и со уште еден врховен судија и едно женско лице. На петте снимки се слуша како Милошоски ургира кај тогашниот претседател на Врховен суд Вангеловски, во врска со предмет на Здружение на возачи Кичево, во кој е вмешан неговиот татко.
Милошоски на својот фејсбук профил напиша дека снимките се направени нелегално во 2011 година од УБК, кога директор бил Сашо Мијалков.
А. АНТЕВСКА