СИТЕ НАВОДИ ЗА ОНКОЛОГИЈА ЌЕ БИДАТ ИСТРАЖЕНИ И СИТЕ СТОРИТЕЛИ ЌЕ БИДАТ СООДВЕТНО ГОНЕТИ, УВЕРУВААТ ОД ОБВИНИТЕЛСТВОТО

    СИТЕ НАВОДИ ЗА ОНКОЛОГИЈА ЌЕ БИДАТ ИСТРАЖЕНИ И СИТЕ СТОРИТЕЛИ ЌЕ БИДАТ СООДВЕТНО ГОНЕТИ, УВЕРУВААТ ОД ОБВИНИТЕЛСТВОТООсновното јавно обвинителство Скопје ќе формира тим од стручни лица кои ќе ја анализираат медицинската документација за водење на пациентите и администрирање на терапијата. (Фото: К. Попов)

    Јавното обвинителство ја уверува јавноста дека сите наводи за евентуално сторени кривични дела поврзани со третманот на пациенти и работата на Клиниката за онкологија ќе бидат до крај истражени, а сите евентуални сторители на кривични дела ќе бидат соодветно гонети, соопштија од Јавното обвинителство. Оттаму велат дека се издадени соодветни наредби за анализа на одземените компјутери и компјутерски податоци при претресите, а истражните органи вршат распити на сите лица кои имаат сознанија за противправни дејствија.

    Во тоа целосно соработуваат и помагаат и раководството на Клиниката за онкологија, но и друг лекарски и медицински персонал“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.

    Дополнително, Основното јавно обвинителство Скопје ќе формира тим од стручни лица кои ќе ја анализираат медицинската документација за водење на пациентите и администрирање на терапијата.

    Од обвинителството велат и дека полицијата презема и други дејствија кои во моментов не можат да се споделат со јавноста, но со директна цел – да се дојде до вистината и евентуалната кривична одговорност.

    „Во истиот момент кога за конкретно лице ќе бидат обезбедени доволно докази за основано сомнение дека сторило кривично дело, обвинителството ќе ја информира јавноста“, се вели во соопштението.

    Од обвинителството апелираат на воздржаност од предвремено прејудицирање за текот на постапката и за одговорност на кое било лице, свесни за чувствителноста на оваа тема за огромен број засегнати граѓани,

    „Ширењето на непроверени информации и нарушувањето на пресумпцијата на невиност може сериозно да наштети на постапката и да ги одврати сведоците да соработуваат“, велат од обвинителството и ги охрабруваат сите оние кои имаат сознанија во врска со овој предмет, да ги пријават на надлежните органи.

    „Основното јавно обвинителство Скопје од претходно веќе води три постапки за изолирани случаи на обид за кражби на лекови и поткуп поврзани со Клиниката за онкологија, од кои едниот е веќе во судска постапка. И последните наводи ќе бидат детално проверени, а за сите резултати од преземените дејствија јавноста ќе биде веднаш известена“, велат од обвинителството.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира