Лекувањето на ковид пациентите во болниците е поразлично од ланската состојба во ноември, и тоа создава дополнителен товар врз здравствените работници, рече денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Министерот и премиерот Зоран Заев на прес-конференција во Владата најавија дека од утре се воведува полициски час од 2о до 5 часот, а од среда се затвораат угостителските објекти. Мерката се воведува поради силниот бран на ковид-19.
„Иако досегашните мерки ги стабилизираа бројките, пикот беше минатата недела, сѐ уште е висока бројката на хоспитализирани. Сметаме дека празниците кои доаѓаат може да ја комплизираат ситуацијата. Во голем дел од градовите има намалување на инциденцата, но има и градови како Куманово, каде е сѐ уште голема.
За разлика од лани, кога на 14. ден од болничко лекување се сметаше дека пациентот е излечен и завршуваше болничкото лекување, сега имаме ситуација кога на 12, 13 или 14-от ден, и кај помлади лица, драстично се влошува состојбата во крвта и белите дробови и завршува фатално“, кажа Филипче.
Заменик-министерот за здравство Илир Хасани рече дека оваа одлука се носи со цел да се избегне целосно затворање за празниците како Рамазан Бајрам и Велигден .
„За време на овие празници, граѓаните да бидат внимателни и да не одат во посети на постарите членови на семејствата“, кажа Хасани.
Епидемиологот и претседател на Комисијата за заразни болести д-р Жарко Караџовски рече дека ситуацијата во земјава е неповолна и сѐ уште не би ја оценил како катастрофална, оти имаме уште места во болниците.
„Во последните две недели имаме бум на новодијагностицирани, во период од две недели се наполнија болниците. Здравствените работници се сѐ уште функционални, но не знаеме до кога. Во Битола моментално е најголем р-факторот- 1,48, во Скопје по извесно време падна под 1. Немојте да мислите дека за 15 дена ќе нема ковид-19. Ве молам да му помогнеме на здравствениот систем“, рече Караџовски.
Б. НЕСТОРОСКА