Претседателот Стево Пендаровски е задоволен од поставеноста на државните институции по прогласувањето на вонредна ситуација од негова страна. Задоволен е и од одговорноста на граѓаните во однос на почитување на мерките донесени од Владата, со некои мали исклучоци на поединци, како што кажа по завршување на состанокот на Советот за безбедност во претседателската вила на Водно.
„Тешките денови се уште не се зад нас. Но, апелирам до сите да бидеме смирени, да бидеме рационални, да бидеме одговорни кон нашето здравје и нашите животи и солидарни еден кон друг. Почитувајте ги препораките, останете дома. Излегувајте само кога е неопходно. Немам никакви дилеми дека со заеднички напори сигурно ќе ја победиме епидемијата“, кажа претседателот Пендаровски.
Пендаровски потсети дека кога прогласи вонредна состојба, кажа: Владата, која ја има моќта на извршната и законодавната власт, ќе треба повремено да даде отчет што презема во вонредната состојба, односно да ги презентира ефектите од преземените мерки. Најави уште најмалку еден Совет за безбедност до крајот на вонредната состојба. Не прејудицираше дали ќе донесе одлука за продолжување на вонредна состојба за нови 30 дена.
„Советот заклучи дека ситуацијата останува сложена, а прогнозите за натамошниот развој на настаните се оптоварени од главната непозната, колку долго ќе трае пандемијата“, рече Пендаровски, кој кажа дека за економијата ни престои тежок период, во кој ќе бидат потребни серија на мерки.
На новинарско прашање дали ги поддржува економските мерки на лидерот на СДСМ и поранешен премиер Зоран Заев кој предложи целата јавна администрација да почне да зема минимална плата од 14.500 денари, за да има солидарност со работниците и со повеќето пензионери во државата, Пендаровски одговори:
„Ги поддржувам економските мерки што ги донесе техничката влада, според кои, кратењето почнува од нас функционерите, кои неколкукратно повеќе земаме од работниците, а не од целата администрација. И да, ако донесе владата таква одлука, јас како претседател ќе се откажам целосно од мојата плата“.
С. К. ДЕЛЕВСКА