СЈО БАРА ПРИТВОР ЗА ОРЦЕ КАМЧЕВ

    СЈО БАРА ПРИТВОР ЗА ОРЦЕ КАМЧЕВКамчев беше внесен директно во гаражата на судот со возило со затемнети стакла, следено од возило на СЈО. - (Фото: К. Попов)

    Бизнисменот Јордан Камчев вечерва беше донесен во Основниот суд Скопје 1 на распит кај судија на претходна постапка, како првоосомничен во истрагата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) под кодно име „Империја“.

    Од СЈО кажаа дека за петмината од 13-мината осомничени во „Империја“ кои се лишени од слобода од судот ќе биде побаран притвор. Во судот претходно беа донесени и Ненад Јосифовиќ од „Орка холдинг“ и Цветан Панделески од „Пелистерка“, исто така осомничени во „Империја“. За разлика од првите двајца приведени кои беа јавно спроведени во судот, Камчев беше внесен директно во гаражата на судот со возило со затемнети стакла, следено од возило на СЈО. Набрзо потоа, во судот пристигна неговата сопруга Ана Камчева, која е адвокатка.

    За  Орце Камчев, кој пред неколку години беше прогласен за најбогат Македонец од магазинот „Форбс“, се бара притвор поради опасност од бегство, уништување на докази и влијание врз сведоци.

    Камчев и поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков се осомничени во истрагата на Специјалното јавно обвинителство под кодно име „Империја“, заедно со неговата мајка Ратка Куноска Камчева, сестра му Христина Камчева Стојческа, Цветан Панделески, Владислав Стајковиќ и уште седуммина други за Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело, соопшти СЈО.

    Во 2005 година, Орце Камчев беше гонет за даночно затајување поврзано со даночна пирамида. Откако неколку месеци се криеше во странство, сам се пријави во притвор, но таму одлежал само една ноќ оти платил кауција од 60 илјади евра за да се брани од слобода.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира