СЈО ЌЕ ИСПИТУВА КАКО ВО УЈП ГАЌИТЕ СЕ КНИЖЕЛЕ КАКО СРЕДСТВО ЗА РАБОТА

    СЈО ЌЕ ИСПИТУВА КАКО ВО УЈП ГАЌИТЕ СЕ КНИЖЕЛЕ КАКО СРЕДСТВО ЗА РАБОТА

    Специјалната обвинителка Катица Јанева, која од необјавените прислушувани разговори вчера отвори четири нови истраги за финансиски криминал, директно ги прозва Управата за јавни приходи и Министерството за финансии дека не си ја вршеле работата според законот и оти има сомневања дека се соучесници во финансиски криминал.

    „Сакам да ја споделам нашата перцепција која се заснова на голем број обезбедени пред сè материјални, но и вербални докази, дека во периодот од 2008 до 2015 година, Управата за јавни приходи и Министерството за финансии, не само што не ги извршувале законските должности од делокругот на нивното работење, напротив, дозволиле и поединци и други министерства да работат спротивно на законите во Република Македонија, а со тоа овозможувајќи да одредени физички и правни лица се стекнат со имотна корист за сметка на буџетот на Република Македонија“, рече Јанева на вчерашната прес-конференција на која беа објавени најновите четири истраги за кршење на Законот за јавни набавки и за даночно затајување, под називите: „Табла“, „Триста“, „Тотал“ и „Тифани“.

    СЈО вели дека засега неговите обвинители сè уште немаат влезено во овие две институции, но Јанева го најави тоа. Најави дека ќе се истражува како институциите дозволиле да се вршат финансиски злоупотреби за лично богатење на функционери од власта и на фирми блиски до високи функционери од власта.
    „Отворањето на денешните финансиски истраги, заедно со предистражните и другите истражни постапки кои веке се водат во ова Обвинителство, во иднина ќе утврдат на кој начин се перени пари од буџетот на Република Македонија и како потоа овие пари завршувале во приватните џебови на одредени високи функционери во власта и правни лица, зад кои исто така се кријат високи функционери на власта“, беше конкретна Јанева.

    Во оваа прилика, рече таа, „повторно ги охрабрувам сите граѓани на Република Македонија, да соработуваат со ова Јавно обвинителство во постапките кои ги водиме, бидејки сите овие даночни малверзации и повредата на Законот за јавни набавки, директно влијаат на сиромашниот стандард и финансиските услови во кои живеат огромен број на граѓани“.
    „Тотал“ и „Тифани“ се истрагите за даночно затајување. Со лажирање на книговодствената евиденција на фирмите Тотал Маркетинг Агенција ДООЕЛ Скопје, Тотал Маркетинг ДООЕЛ Скопје, Медиамакс ДООЕЛ Скопје и Тотал Медиа Центар ДООЕЛ Скопје, нивниот сопственик и управител Драган Павловиќ – Латас се сомничи дека избегнал да плати данок на државата во износ од 164 илјади евра.

    Според сомневањата, се работи за избегнување на данок во периодот од 2008 до 2015 година. Латас како управител на овие фирми, ја намалил основицата за пресметување данок на добивка, го злоупотребил правото на одбивка на ДДВ и не пријавил лични приходи, кои задолжително се пријавуваат согласно Законот за персонален данок од доход.
    Поконкретно, обвинителката Фатиме Фетаи од СЈО објасни: „Постои основано сомнение дека осомничениот ги користел правните лица како параван и всушност набавката на опрема и услуги за себе, ги евидентирал како набавка за правните лица, иако три од нив воопшто немале вработени за вршење на дејноста и за користење на опремата која ја набавувал. Таквите средства во книговодството ги евидентирал како основни средства, опрема, тековни трошоци, со што ја намалил основицата за пресметување на данокот на добивка“.

    Осомничениот, како управител на наведените правни лица, преку овие правни лица вршел, всушност, набавки за себе лично, меѓу другото на: два душека „Меџик тач“ во вредност од 3.080 евра, рачен часовник „Брајтлинг“ 2.341 евра, персиски теписи во вредност од 4.635 евра, и друга скапа стока.
    СЈО денеска соопшти дека отворило истрага и против Ивона Талевска, чија мајка беше сопственичка на фирмата „Висарис“, добитник на милионска сума тендер од Министерството за здравство, раководено од владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Истрагата е за даночно затајување, а е под кодно име „Тифани“. На ист начин како и колегата, односно нејзиниот претпоставен Драган Павловиќ – Латас, таа преку своите две фирми Смарт Центар ДООЕЛ експорт-импорт Скопје и Смарт Груп ДООЕЛ Скопје, од 2008 до 2014 година, затаила данок кон државата во вкупен износ од 44.558 илјади евра.

    И таа, се сомничи дека лажирајќи во документите дека набавува стока за своите фирми, ја намалила даночната основа, го злоупотребила правото на одбивка на ДДВ и не пријавила лични приходи. Од асортиманот, наводно за фирмите, таа набавила: долна облека за 500 евра, облека, здолништа, чевли, ташни, ремени (33.508 евра), очила, шминки, пудри (1.009 евра), врвно дизајнирани и високо квалитетни кујнски садови и декоративни предмети од 4.672 евра, натаму, велосипеди од 520 евра, сигурносна врата 600 евра итн.

    С.К.ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира