Специјалното јавното обвинителство (СЈО) отвори седум нови истраги под кодно име „Странски служби“, „Друмарина“, „Рентген“, „Продуцент“, „Тарифа 2“, „Лидери“ и „Транспортер 2“, за злоупотреба на службена должност и за измама. Со новите предистражни дејствија, како што соопшти Специјалната јавна обвинителска Катица Јанева на денешната прес-конференција, биле опфатени 17 лица.
Првата истрага е под кодно име „Странски служби“, односно се работи за злоупотреба на службена положба. Во текот на октомври и ноември 2014 година, помошник – министер во МВР како нарачател и началник на Одделот за оперативна техника со нелегален тендер експресно набавиле од странска компанија прислушна опрема. Целта, како што рече обвинителката Фатиме Фетаи, била оваа компанија да пикира цели од тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ и да им ги следи и снима комуникациите, за да се продаде приказната дека во Македонија власта и прислушувањето на стотици граѓани, го извршиле странски служби, а не Петтата управа во МВР, односно УБК.
Втората истрага „Друмарина“, се однесува за поранешна пратеничка која како што соопшти обвинителската Фатиме Фетаи незаконски наплатила 100.000 евра за патни трошоци во Собранието од 2011 до 2016 година.
Третата истрага е под име „Рентген“ се однесува на набавка на 4 рентген апарати од ексминистерот Никола Тодоров во 2012 година. Ексминистерот е осомничен дека ја злоупотребил службената положба со тоа што и овозможил на една фирма да биде повластена за да учествува во јавната набавка бидејќи имала инсајдерски податоци. Фирмата е на мајката на позната новинарка од ТВ Сител, потсети Фетаи.
Четвртата истрага под кодно име „Продуцент“ се однесува за поранешен министер за земјоделие од 2009 – 2012, кој ја злоупотребил службената положба со тоа што склучил договор со фирмата „ СМАРТЦЕНТАР“ дооел Скопје, за емитување на емисијата „Боја на парите“, на ТВ Сител. Во четири очи, т.е. без тендер, може да се склучува договор со радија, но не и со телевизиска куќа, објасни Фетаи каде е скршен законот за јавни набавки.
За „Тарифа 2“, СЈО повторно сомничи еден од обвинетите за проневера на 4,5 милиони државни пари од АД ЕЛЕМ, судски процес кој почна денеска во Кривичниот суд. Истиот обвинет на фирмата НЕСС Чешка и исплатил 146.400 евра, за имиграција на податоци од стариот на новиот софтвер, кој до денеска не е поставен, а чини 3.700. 000 евра.
Во „Транспортер 2“, пак, повторно за злоупотреби со училишниот превоз, СЈО го обвинува ексградоначалникот на Битола Владимир Талески, петте веќе обвинети превозници и нови тројца директори на основни училишта.
Отворена е и истрага за бомбата во која лидерите на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и на ДУИ Али Ахмети се договараат за селективно уривање на дивоградби на „нашите“ и на „вашите“, но во овој случај не одговараат тие, туку инвеститорот на дивоградбата, која е спроти Американската амбасада во Скопје. Но, истрагата е под кодно име „Лидери“.
Засега СЈО не побарало мерки притвор и мерки за претпазливост против ниедно од новите 17 осомничени лица.
С. К. ДЕЛЕВСКА