СКОПСКА АПЕЛАЦИЈА ДЕНЕС И УТРЕ РЕШАВА ДАЛИ ГРУЕВСКИ ЌЕ ОДИ В ЗАТВОР ЗА МЕРЦЕДЕСОТ ШТО СИ ГО НАРАЧА ОД МВР

    СКОПСКА АПЕЛАЦИЈА ДЕНЕС И УТРЕ РЕШАВА ДАЛИ ГРУЕВСКИ ЌЕ ОДИ В ЗАТВОР ЗА МЕРЦЕДЕСОТ ШТО СИ ГО НАРАЧА ОД МВРАко Апелација го врати на повторно судење, Груевски ќе се спаси од затвор, бидејќи предметот со тоа кривично дело застарува на 31 октомври 2018 година.- (Фото: М. Златевска)

    Обвинетиот експремиер Никола Груевски, кој во случајот „Тенк“ за набавката на луксузниот мерцедес од 600.000 евра по негова желба, од пари на МВР, доби затворска казна од две години, утринава во 9.30 часот треба да се појави во Апелациониот суд Скопје, заедно со обвинителите од СЈО. На јавна седница која ќе трае два дена (денес и утре), тој треба да ја образложи жалбата што ја поднел против изречената затворска пресуда.

    Пресудата е за примање награда за противзаконито влијание, а се однесува на секоја наредба, учтиво замолување или барање од претпоставен или работодавец, од подредено лице кое не може или не смее да го одбие, да изврши кривично дело. Груевски како надреден и шеф на тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, според СЈО и прислушуваните разговори, бара од буџетот на МВР таа за него да купи луксузно блиндирано возило со масажери и телевизорчиња за неговите деца, иако на пазарот со ненаместен тендер би можеле да се најдат понуди и за поефтини блиндирани возила од истата и од други марки автомобили. Јанкулоска ја спровела наредбата и на сега осудениот началник Ѓоко Поповски од МВР, му наложила да го спроведе местениот тендер за мерцедесот од 600 илјади евра.

    Советот за организиран криминал при Апелациониот суд, ако ја намали, зголеми или потврди затворската казна, Груевски треба да оди во затвор. Ако ја врати на повторно судење, тој ќе се спаси од затворската пресуда за ова обвинение засекогаш, бидејќи предметот со тоа кривично дело застарува на 31 октомври 2018 година.

    Истовремено, во Основниот суд Скопје 1 е закажано рочиште за насилство и шамари во Центар, каде обвинет е и исто така Груевски. Овој предмет застарува во 2019 година, а судијата Душан Јосифов го закажува само еднаш месечно.

    Вчера Специјалната обвинителка Катица Јанева апелираше до судовите да ја забрзаат постапката каде што се предметите на СЈО, кои од почеток беа опструирани, а за некои од нив судењата уште не се ни почнати.

    Најави дека за првпат, во полугодишниот извештај за работата на Специјалното обвинителство, кој ќе биде објавен на 15 септември, ќе има специјален извештај за опструкциите на некои судии во однос на предметите на СЈО. Ако опстои Министерството за правда на најавите, партиите во Парламентот треба да изгласаат измени на законот за СЈО, според кој ова обвинителство во рамките на редовното Обвинителство за организиран криминал и корупција, ќе може да опсервира и гони актуелни функционери од судската, извршната и од законодавната власт.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира