СЛОБОДАН БОГОЕВСКИ СПРЕЧЕН СО ОБВРСКИ ВО ВЛАДАТА ДА СВЕДОЧИ ЗА МИТОТО ОД 7,5 МИЛИОНИ ЕВРА ВО СЛУЧАЈОТ „МАЏАР ТЕЛЕКОМ“

    СЛОБОДАН БОГОЕВСКИ СПРЕЧЕН СО ОБВРСКИ ВО ВЛАДАТА ДА СВЕДОЧИ ЗА МИТОТО ОД 7,5 МИЛИОНИ ЕВРА ВО СЛУЧАЈОТ „МАЏАР ТЕЛЕКОМ“Од денешното судење за случајот на СЈО „Маџар Телком“ (Фото: К. Попов)

    Ексразузнавачот Слободан Богоевски, кој сведочеше пред судот во САД за мито од 7,5 милиони евра кое „Маџар Телеком“ го дал на македонски функционери за да се одложи воведувањето на трет мобилен оператор во Македонија пред 13 години, денеска не дојде да сведочи во Основниот суд Скопје 1. Судијката Ленка Давиткова прочита допис што стигнал утринава до неа, со кој Богоевски ја известува дека спречен е да дојде поради учество во работна група на Владата.

    Ваквата обврска на Богоевски од страна на Владата ја изненади и специјалната обвинителка Лиле Стефанова која требаше да го распрашува Богоевски во детали кому од тогашната влада на Владо Бучковски „Маџар Телеком“ му го дал митото, на кој начин и кога одела исплатата на повеќемилионскиот поткуп во евра.

    Адвокатите на обвинетите Атила Сендреи, Ролф Плат и Золтан Кишјакус денеска побараа во некое од следните рочишта да сведочи и тогашниот премиер Владо Бучковски. Околностите под кои тие би го прашувале Бучковски за Стефанова не се суштински, како што кажа таа надвор од судницата на прашање на новинарите, но сепак на наредното рочиште на 24 април 2019 година пред да сведочи Богоевски, таа ќе се изјасни дали ќе прифати да сведочи Бучковски.

    Унгарецот Атила Сендреи и членовите на тогашниот одбор на директори во „Македонски телеком“, Германецот Ролф Плат и Унгарецот Золтан Кишјакус, се обвинети дека склучувале фиктивни договори за консултантски услуги со кипарската консултантска куќа „Чаптекс холдингс лимитид“. На тој начин го оштетиле „Македонски телеком“ за речиси 4 милиони евра, а Буџетот на државата за 2 милиони евра, бидејќи Владата во тој период поседуваше 47% од акциите во компанијата. Во предметот беше обвинет и Гркот Михаил Кефалојанис, но обвинителот Марко Зврлевски за него ја отфрлил пријавата.

    Според обвинението, на сметка на фирмата во Кипар биле префрлани пари без одлука на одборот на директори, а налозите ги потпишувале Сендреи, Плат и Кишјакус. Првото судење се одржа на 26 октомври 2011 година. Судот распиша меѓународна потерница во 2008 година за Атила Сендреи, Ролф Плат и Золтан Кишјакус.

    Тројца ексдиректори на „Маџар телеком“, Елег Штрауб, Андраш Балог и Тамаш Морваи, во паралелна постапка што се водеше пред унгарските власти за истиот случај беа обвинети дека во 2005 и 2006 година на македонски функционери им исплатиле мито од приближно 4,8 милиони евра за да ја одложат либерализацијата на телекомуницискиот пазар. Ексдиректорите ги исплаќале парите како консултантски и маркетинг-услуги.

    Штрауб и Балог во април 2017 година се спогодија со окружниот суд во Њујорк и платија парични казни, а пет години им е забрането да вршат дејност во акционерските друштва. Штрауб плати 250 илјади долари, а Балог 150 илјади долари. Третобвинетиот во случајот, Тамаш Морваи, се спогоди и плати казна од 60 илјади долари за фалсификување на книгите на компанијата поврзани со поткупот.

    Аферата доби нова димензија по сведочењето на ексразузнавачот Слободан Богоески пред окружниот суд во Њујорк, кое беше објавено јавно и за првпат во јавноста беа посочени конкретни имиња. Богоески во сведочењето тврдеше дека мито од „Маџар телеком“ зеле поранешниот премиер Владо Бучковски, како и функционерите од ДУИ Али Ахмети, Муса Џафери и Абдулхалим Касами. Ахмети и Џафери, кои го тужеа Богоески за клевета и навреда, го добија случајот на суд, но Апелацискиот суд ја укина пресудата.

    СЈО води предистражна постапка за случајот. Скопското обвинителство долго време не му го даваше на СЈО предметот „Маџар телеком“ со образложение дека не се поврзани ниту, пак, произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира