СЛУЧУВАЊАТА ВО СУДСКИОТ СОВЕТ НЕ СЕ ВО ПРАВЕЦ НА ИСПОЛНУВАЊЕ НА СТАНДАРДИТЕ НА ЕУ, ВЕЛИ ЕВРОАМБАСАДОРОТ ГИР

    СЛУЧУВАЊАТА ВО СУДСКИОТ СОВЕТ НЕ СЕ ВО ПРАВЕЦ НА ИСПОЛНУВАЊЕ НА СТАНДАРДИТЕ НА ЕУ, ВЕЛИ ЕВРОАМБАСАДОРОТ ГИР

    Евроамбасадорот Дејвид Гир изрази загриженост од последните случувања во македонското судство, односно во Судскиот совет.

    Според него, таквите настани не одат во прилог на евроинтегративниот пат на земајва. Дејвид Гир ова го кажа на новинарско прашање кој е ставот на ЕУ по последните случувања во македонското судство, односно во Судскиот совет, каде што без почитување на Законот за судски совет и Деловникот беше разрешена досегашната претседателка Весна Дамева.

    ,,Почитување на владеење на правото е фундаментално и суштествено прашање за евроинтегративниот пат на Вашата земја. Тоа вклучува развој на независно и професионално судство и јавно обвинителство кое што ги вклучува највисоките стандарди на нивниот интегритет. Последните недели и месеци сме виделе случувања кои што не одат во правец кој што ние во ЕУ ги очекуваме да одат во правец на исполнување на стандардите потребни на евроинтегративниот пат на Вашата земја“, рече евроамбасадорот Гир, додавајќи дека како ЕУ ќе ги следат понатамошните случувања и реформите во судството во земјава.

    Дејвид Гир беше во посета на Општина Ново Село каде што имаше средба со градоначалникот Ѓорѓе Божинов, членовите на Советот и граѓанскиот сектор. На средбите се презентираа новите чекори во процесот на пристапните преговори со ЕУ и нивното влијание врз секојдневието на граѓаните.

    Завчера, на предлог на заменик претседателот на Судскиот совет Селим Адеми беше разрешена претседателката Весна Дамева, без почитување на Законот за судски совет и Деловникот на Судскиот совет. Вчера, Адеми закажа итна седница за избор на нов претседател, но потоа ја одложи за 2 мај, бидејќи нема доволно гласови.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира