СЛУЖБЕНИ ЛИЦА МУ ПОМОГНАЛЕ НА ГРУЕВСКИ ДА ИЗБЕГА, ИСТРАЖУВА ОБВИНИТЕЛСТВОТО

    СЛУЖБЕНИ ЛИЦА МУ ПОМОГНАЛЕ НА ГРУЕВСКИ ДА ИЗБЕГА, ИСТРАЖУВА ОБВИНИТЕЛСТВОТОВо врска со настанот постојат основи на сомневање дека одредени службени лица, злоупотребувајќи ја својата службената положба и овластување, му овозможиле на осудениот нелегално да ја напушти Република Македонија, соопшти Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција кое го истражува бегството на Груевски (Фото: СДК.МК)

    Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција го истражува бегството на осудениот пратеник и експремиер Никола Груевски кој бара политички азил во Унгарија и сомнева дека службени лица му помогнале да избега од Македонија.

    „Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција следејќи ги информациите во врска со бегството на осудениот Н. Г., како и написите на медиумите и интересот на јавноста, оформи предмет  по допрен глас. Во врска со настанот постојат основи на сомневање дека одредени службени лица, злоупотребувајќи ја својата службената положба и овластување, му овозможиле на осудениот нелегално да ја напушти Република Македонија. Предметот е доделен на надлежен обвинител и во рамки на предистражната постапка  издадени се Наредби за прибирање податоци поврзани со настанот“, соопшти Обвинителството.

    И Владата денеска соопшти дека дека се утврдува начинот на кој Груевски ја напуштил државата и дали некој му помагал. Владиниот портпарол Миле Бошњаковски рече дека внатрешната контрола на МВР истражува дали полициски службеници му помогнале на Груевски во бегството и најави подетални информации кога ќе заврши истрагата.

    „Одделот на внатрешна контрола спроведува постапка за можна инволвираност на полициски службеници дека му помогнале во бегството, а дополнително Секторот за внатрешни работи на Скопје го утврдува начинот на бегството, како и евентуално надворешни помагатели. По завршување на овие две постапки, МВР ќе излезе во јавност со целосна слика за тоа како се организирало бегството на Никола Груевски”, рече Бошњаковски.

    Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски завчера рече дека Груевски ја напуштил Македонија преку илегален премин, но нема официјални податоци за тоа каде точно се упатил и од каде и на кој начин влегол во Унгарија.

    Груевски е осуден на 2 години затвор за случајот „Тенк“ на СЈО за набавката на мерцедесот од 600.000 евра, а во затворот Шутка требаше да се јави на 9 ноември откако му беше одбиена жалбата.

    „Министерството за правда ја собира потребната документација за случајот, која што е обемна на околу 400 страници. Кога ќе биде комплетирана и преведена ќе биде доставена до Унгарија. Тоа ќе се случи во текот на овие денови“, рече денеска владиниот портпарол Бошњаковски за процесот на екстрадиција на Груевски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира