Безбедноста на патиштата е јавно-здравствено прашање и треба да му се пристапи со енергија и посветеност како на предизвиците со ковид-19, вели д-р Јасмина Буневска-Талевска, универзитетски професор од Битола, контакт лице на Генералниот директорат за мобилност и транспорт на ЕУ. Таа деновиве присуствуавше на средби во Брисел каде се креираше новата транспортна политика за Европската Унија.
Професорката вели дека Комисијата за транспорт на Европскиот Парламент повика на акции за ограничување на брзината на 30 километри на час во урбаните средини, но со редизајнирани улици и фаворизирање на урбаната мобилност и одржливите видови превоз.
„Ковид-19 уби 3,5 милиони луѓе ширум светот, а во последната деценија најмалку 13 милиони луѓе починаа на патиштата низ светот. Глобалниот одговор на пандемијата покажа како креаторите на политиките во целина треба да дејствуваат кон заедничка цел. Креаторите на политиките имаат одговорност да градат безбеден систем за заштита на сите! Дали ќе се пристапи со енергија и посветеност со каква што многумина им пристапија на предизвиците на ковид-19 останува да видиме“, вели Буневска-Талевска.
Таа додава дека Европската комисија ја започна примената на повелбата за безбедност на патиштата 2021-2030. Целата е да се намалат смртните случаи на патиштата и сериозните повреди до 2030 година за 50 проценти, а до нула до 2050 година. Новите бројки покажуваат пад на смртноста на патиштата на рекордно ниско ниво во 2020 година, пред се` поради значителното намалување на патувањата како последица на ковид-19.
„Се проценува дека во 2020 година на патишта загинале 18.800 лица, што е годишен пад од 17 проценти во однос на 2019. Во изминатата деценија, помеѓу 2010 и 2020 година, бројот на смртни случаи на патишта се намали за 36%, а со 42 смртни случаи на 1 милион жители ЕУ има многу поволни бројки во споредба со просекот на светско ниво кој изнесува над 180 смртни случаи на 1 милион жители“, вели професорката.
Според статистиката на МВР, 125 лица загинале на патиштата во Македонија во текот на 2020, а се случиле 7.223 сообраќајни несреќи. Во споредба со 2019, бројот на сообраќајни несреќи е намален за шест проценти. Но, со 62,5 загинати во сообраќајни несреќи на еден милион жители, земјава е уште далеку од европскиот просек.
Низ ЕУ, околу 70% од смртните случаи на патиштата во урбаните области се пешаци, мотоциклисти и велосипедисти. Буневска-Талевска посочува дека безбедноста на патиштата е клучна област на интерес во градовите во Европа, а досега само две европски престолнини, Хелсинки и Осло, постигнале нула смртни случаи на пешаци и велосипедисти во 2019, наведувајќи го намалувањето на брзината како клучен фактор за напредокот.
Буневска-Талевска во Брисел пред две години ја освои првата награда од Европската Комисија за мобилност и транспорт на полето на безбедноста во сообраќајот. Таа е професорка на Техничкиот факултет во Битола и работи на европски проекти за бебзедност во сообраќајот, добитничка е на наградата „4 Ноември“ на град Битола. И покрај импозантните резултати на полето на безбедноста во сообраќајот, европски награди и признанија, таа не е вклучена од националните институции задолжени за безбедноста на сообраќајот и урбаната мобилност и не учествува во креирањето на националните политики.
Ж. ЗДРАВКОВСКА