Со 70 милиони евра кредит од Светска банка ќе се реконструираат улици во сите 80 општини и Град Скопје. За проектот насловен како „Македонија без кал“ денеска во Владата беше потпишан Меморандум за соработка меѓу Министерството за транспорт и врски и Општините.
Предвидено е да се санираат локални патишта и улици во должина од 450 километри. Општините со готови проекти ќе треба да аплицираат во Министерството за транспорт и врски кое потоа ќе го распише тендерот за избор на изведувач на градежните работи. Висината на средствата е различна за секоја општина, а се утврдува според бројот на население и на населени места, површината и регистрираните моторни возила. На располагање за општините се од 500 илјади до два милиона евра.
„Секоја општина сама ги утврдува приоритетните улици и патишта за кои сака финансирање. Апелирам до сите градоначалници, иако најголемиот дел имаат доставено, да подготват плус квалитетни проекти. Посебен акцент ќе се стави и на јакнење на капацитетите на општинската администрација за подобрување на патната инфраструктура, времено вработување, учество во обуки и преквалификација на жени, меѓу кои и Ромки, за работни активности поврзани со транспорт и градежните работи за подобрување на локалната патна инфраструктура и превоз“, рече министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
Министерката за финансии Нина Ангеловска кажа дека средствата од заемот се обезбедени под исклучително поволни услови, рокот на отплата е 15 години, со грејс период од пет години.
А. АНТЕВСКА