СО АМНЕСТИЈАТА НЕМА ДА БИДАТ ОПФАТЕНИ ОРГАНИЗАТОРИТЕ И ЛИЦАТА КОИ УЧЕСТВУВАЛЕ ВО НАСИЛСТВАТА НА 27 АПРИЛ

    СО АМНЕСТИЈАТА НЕМА ДА БИДАТ ОПФАТЕНИ ОРГАНИЗАТОРИТЕ И ЛИЦАТА КОИ УЧЕСТВУВАЛЕ ВО НАСИЛСТВАТА НА 27 АПРИЛПремиерот Зоран Заев рече дека помирувањето ќе почне од таму од каде поделбите кулминираа, настаните од 27 април 2017 година. - Од вториот состанок на интерпарламентарното тело за помирување во Собранието (Фото: К. Попов)

    Во предлог-решението за помирување што треба да го направи интерпарламентарното тело за помирување ќе нема да бидат опфатени лицата кои направиле насилство и лицата кои го организирале нападот на Собранието на 27 април 2017 година.

    Премиерот Зоран Заев, кој беше гостин на денешниот состанок на интерпарламентарното тело за реформа, помирување и интеграција, рече дека процесот за помирување ќе овозможи да се оди напред како држава кон ЕУ и НАТО.

    „Мислам дека помирувањето ќе почне од таму од каде поделбите кулминираа, настаните од 27 април 2017 година. Да оставиме на правните тимови кои ќе ги работат следните чекори да дадат конкретни предлози за процесите. Волја постои, но црвените линии не може да се поминат. Да не ни падне на памет да влијаеме на судството. Треба да се разграничи што е тоа насилство, физичко насилство и тоа некој да биде заведен. Може да се согласиме дека терористичко загрозување на уставниот поредок не е нешто што треба да ги опфати сите учесници“, рече Заев.

    Независната пратеничка од независната група на ВМРО-ДПМНЕ Емилија Александрова, рече дека денес се формирале трите работни групи, кои ќе работат во состав на интерпарламентарното тело за помирување.

    До вторник треба групите да се состанат и да излезат со конкретни решенија.

    „Како што кажав многу пати до сега, процесите се поврзани со интеграција, реформи и помирување. Еден без друг овие процеси нема да го дадат конечното решение за нашата држава да се движи напред“, рече Александрова.

    Претседателката на телото за помирување Фросина Ременски, рече дека групата за помирување ќе работи на закон за амнестија.

    „Имаме мандат, експерти и сите правни механизми што може да подготвиме закон за амнестија“, рече Ременски.

    Во дебатата ќе се повикаат експерти, други пратеници, медиуми, МАНУ и сите што можат да дадат придонос за правење на закон за амнестија.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира