СО ДОНАЦИЈА ЌЕ СЕ РЕКОНСТРУИРААТ ДВЕ КУЌИ ШТО СЕ ДОМ НА 20 ЛИЦА СО МЕНТАЛЕН ХЕНДИКЕП ВО НЕГОТИНО

    СО ДОНАЦИЈА ЌЕ СЕ РЕКОНСТРУИРААТ ДВЕ КУЌИ ШТО СЕ ДОМ НА 20 ЛИЦА СО МЕНТАЛЕН ХЕНДИКЕП ВО НЕГОТИНОСпоред договорот потпишан денеска, француската фондацијата „Сент Гобен“ ќе донира 37.500 евра, а Хабитат Македонија 14.000 евра за реконструкција на 2 куќи на Центарот за помош на лица со ментален хендикеп Порака од Неготино (Фото: Хабитат Македонија)

    Центарот за помош на лица со ментален хендикеп Порака од Неготино ќе се реконструира со помош на француската меѓународна корпоративна фондацијата „Сент Гобен инишативс“ и Хабитат Македонија. Според договорот потпишан денеска, „Сент Гобен“ за проектот ќе донира 37.500 евра, а Хабитат Македонија 14.000 евра, кои ќе бидат наменети за реконструкција, поставување на енергетски ефикасна фасада, внатрешни поправки и целосно подигање на животните услови во две куќи во кои престојуваат 20 лица со ментален хендикеп кои се деинституционализирани.

    Донаторите велат дека со оваа донација и реконструкција директно се поддржуваат напорите на Порака да овозможи пристојни животни услови за лицата со ментален хендикеп надвор од институциите, овозможувајќи им полесна интеграција во заедницата, како и можности за самоодржливост и продуктивност. Подобрувањето на енергетската ефикасност на куќите ќе овозможи и пониски трошоци за струја и ќе придонесе за намалување на емисијата на јаглерод диоксид.

    Проектот предвидува и обезбедување печатач за текстил и керамика за да се поддржи работната терапија и економските активности на 43 корисници, за да можат да продуцираат сопствени средства за поддршка на интегрираното живеење, предвидено е и интеграција на младите со вклучување на студенти од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

    Проектот се планира да заврши за една година. Соработката на двете организации започна пред две години, со првата донација за реализацијата на проектот за обезбедување на енергетска ефикасност за Здружението на пензионери во Кавадарци.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари