СО ДОНАЦИЈА ОД САД ГАСТРОЕНТЕРОХЕПАТОЛОГИЈА И ИНФЕКТИВНА КЛИНИКА ДОБИЈА НОВА ТЕРАПИЈА ЗА ЦЕЛОСНО ЛЕКУВАЊЕ НА ХЕПАТИТ Ц

    СО ДОНАЦИЈА ОД САД ГАСТРОЕНТЕРОХЕПАТОЛОГИЈА И ИНФЕКТИВНА КЛИНИКА ДОБИЈА НОВА ТЕРАПИЈА ЗА ЦЕЛОСНО ЛЕКУВАЊЕ НА ХЕПАТИТ ЦНовата антивирусна терапија е за околу 150 пациенти, а со неа во 90 отсто од случаите се отстранува вирусот од организмот.-Д-р Калина Гривчева-Старделова, министерот Венко Филипче, д-р Милена Стевановиќ. (Фото: Министерство за здравство)

    Клиниката за инфективни болести и Клиниката за гастроенетерохепатологија добија нова модерна терапија со која може да се излекува хепатит Ц. Лековите за 150 пациенти за тримесечен третман се донација од американската фондација „Директ Рилиф“, а двете клиники количините ќе си ги поделат.

    Досега пациентите со хепатит Ц се лекуваа со интерферон, чија ефикасност во лекување е 40 отсто. Новата терапија во светот постои од 2014 година, а македонските пациенти за прв пат ќе ја добијат.

    Министерот за здравство Венко Филипче кажа дека третманот со оваа терапија може целосно да го отстрани вирусот на хепатит Ц од организмот, спречува натамошно оштетување на црниот дроб.

    „Овие антивирусни лекови кои ги добивме како донација се за лекување пациенти со хронична вирусна инфекција со хепатит Ц со генотип 1 и 4. Ефикасноста на третманот е над 90 отстои комплетно ја намалува или исклучува потребата од трансплантација на црниот дроб“, кажа Филипче.

    Директорката на Клиниката за гастроентерохепатологија д-р Калина Гривчева-Страделова рече дека на Гастро во моментов има триесетина пациенти, на кои оваа терапија многу ќе им помогне. Таа кажа дека пациентите со оваа вирусна инфекција поради компликациите кои потоа ги имаат, појава на цироза или карцином на црниот дроб завршуваат на нивната клиника и дека оваа терапија ќе помогне во нивното излекување.

    „Терапијата се дава во континуитет три месеци и помага во целосно отстранување на вирусот од организмот. Направивме контакт и со Клиниката за нефрологија нивните пациенти кои се кандидати за трансплантација на бубрези да ги препратат кај нас да им направиме испитување, дали можеби ќе им биде потребна ваква терапија“, рече д-р Гривчева-Старделова.

    Директорката на Клиниката за инфективни болести д-р Милена Стевановиќ кажа дека кај нив на клиниката има околу педесетина пациенти на кои им е потребна оваа терапија и дека донираните лекови ќе бидат доволни за да се покрие временски период од околу една и пол година, односно дека ќе има лекови и за пациентите кои допрва би ги дијагностицирале.

    Донираните лекови се со вредност од 19 милиони долари, а се произведени во една од водечките фармацевтски компании во САД.

    Филипче рече дека по најавата дека ќе добијат донација од оваа модерна терапија почекале со набавката на лекови за хепатит Ц, и дека средствата што останале ќе ги испланираат за набавка на терапија за другите генотипови од вирусот на хепатит Ц.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира