Со еден милион евра грант од Светската банка ќе се прави проект за реформа во железничкиот сектор. Договорот за грант го потпишаа вицепремиерот Александар Николоски и директорката на Светска банка за Македонија, Керол Межеван.
Договорот кој е во износ од еден милион евра треба да даде поддршка во реформата во преструктурирање на Македонски железници (МЖ) – Транспорт со цел созадавање на функционално претпријатие.
„Најпрво направивме законски измени со коишто практично го зачувавме претпријатието, имајќи предвид дека последните одлуки на претходната Влада значеа затворање на Железница-Транспорт. Потоа влеговме во сериозна реформа внатре во Железница Транспорт и веќе првите резултати се гледаат. Оваа година имаме позитивни бројки во првите четири месеци. Имаме раст и во бројот на превезени патници и она што е особено значајно и што мене многу ме радува, сериозен раст на карго сообраќајот”, рече Николоски.
Тој додаде дека со ЕУ се работи на трансформацијата на двете желенички претпријатија како дел од Планот за раст на ЕУ.
„Tокму овој проект којшто го започнуваме денеска со потпишување на овој грант од страна на Светска банка, за што сакам да се заблагодарам, е почеток на реализација на овој проект кој што ќе значи една темелна и суштинска реформа. Паралелно ќе одиме и со набавка на возови, да се обнови флотата, нешто што е особено значајно. Паралелно со една друга финансиска институција веќе потпишавме договор за набавка на електрични локомотиви, коишто многу значат во делот на развој на карго сообраќајот. Треба да се купат најмалку пет електрични локомотиви”, додаде Николоски.
Како што кажа Николоски, во финална фаза е изградбата на првата линија од Градски воз, а очекува оваа година да се распише и тенедерот за изградба на втората линија од Илинден до Новата железничка станица како и третата линија од Ѓорче Петров до Новата железничка станица и да бидат завршени до крајот на 2027 година или првата половина на 2028 година.



