СО ХЕЛИКОПТЕР ОД ХЕЛИОДРОМОТ КАЈ ВОЕНА БОЛНИЦА, КАДЕ СЕ ГРАДИ 17-КАТНИЦА, ПРЕНЕСЕН ПАЦИЕНТ НА ЛЕКУВАЊЕ ВО ВИЕНА

    СО ХЕЛИКОПТЕР ОД ХЕЛИОДРОМОТ КАЈ ВОЕНА БОЛНИЦА, КАДЕ СЕ ГРАДИ 17-КАТНИЦА, ПРЕНЕСЕН ПАЦИЕНТ НА ЛЕКУВАЊЕ ВО ВИЕНАОва е првпат државата да реализира меѓународен транспорт на пациент со хеликоптер откако медикоптерот беше промовиран во декември лани.(Фото: Фејсбук)

    Со хеликоптерот на Министерството за внатрешни работи МВР) кој е опремен со медицинска опрема денеска е пренесен пациент  на лекување во Виена. Хеликоптерот слета на хелиодромот кај ГОБ „8 Септември“ од каде пациентот беше преземен и транспортиран во Австрија.

    Ова е првпат државата да реализира меѓународен транспорт на пациент со хеликоптер, откако медикоптерот беше промовиран во декември лани. Тогаш беше кажано дека итните случаи од другите градови со него ќе се пренесуваат во болницата „8 Септември“ во Скопје. Ова е единствено место каде може да слета хеликоптер, бидејќи тука е предвидено да има хелиодром. Опремата за хеликоптерите е обезбедена од словенечката полиција, а со пациентите ќе лета и медицински тим составен од доктор и сестра.

    Веднаш до хелиодромот од каде денес се пренесе пациент на лекување во Виена, почнува да се гради и спорната 17-катницата на бизнисменот Фатмир Едеми. Пред да биде издадена градежната дозвола, САКАМДАКАЖАМ.МК пишуваше дека во овој дел односно веднаш до хелиодромот не смее да има високи згради оти тие ќе пречат на полетување и следување на хеликоптери за итни случаи.

    Од аспект на природата на болницата и евентуална потреба за специјализирани услови за воздухоплови во околината не треба да има објекти коишто претставуваат препрека за безбедно одвивање воздушен сообраќај“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК од Агенцијата за цивилно воздухопловство во октомври лани.

    Парцелата каде ќе никне зградата се наоѓа во заштитено подрачје на зградата-споменик Воена болница, сегашната ГОБ „8 Септември“, која има статус на споменик на архитектонско наследство од времето на брутализмот и е заштитен објект како културно наследство. Но, и покрај тоа издадено е позитивно конзерваторско мислење од ексдиректорот Константин Димитровски, кој беше приведен за уривањето на хотелот „Шар“. Потоа Општина Карпош на 18 јануари издаде градежна дозвола, која стана правосилна на 1 февруари.

    Советничката група „Независни за Карпош“ и неколку граѓански организации побараа од Министерството за култура да се поништи конзерваторското мислење. Оттогаш поминаа три месеци, а од таму нема никаква одлука. Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска кажа дека била формирана работна група, но бидејќи случајот бил многу комплексен, се пазело да не се згреши, а во догледно време ќе излезат со став, но не кажа кога.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира