Сo кој памет, кое срце, одредени родители се решаваат да ризикуваат детето да им се мачи 3 месеци со голема кашлица, кога вакцините се сосема безбедни, праша епидемиологот проф. д-р Драган Даниловски во вечерашното интервју за ТВ Сител, осврнувајќи се на епидемијата со голема кашлица во Македонија и нискиот опфат со ДиТеПер вакцината.
Комисијата за заразни болести вчера препорача да се прогласи епидемија на голема кашлица на територијата на Град Скопје. До денес пријавени се 22 случаи на заболени од голема кашлица.
„Ова е сезона каде се вообичаени респираторни инфекции и кашлици. Големата кашлица е нешто што не е можно да не се препознае, воопшто не е слична на обичната кашлица. Навистина, почнува со симптоми на обична настинка, арно ама, кога ќе почне кашлицата, во напади, таа кашлица е нешто што може да го смисли само режисер на хорор филм. Тоа е толку драматично, толку страшно, толку тажно, толку потресно, да се биде сведок на таков вид кашлање. Детето има такви напади на кашлање, што не може да земе здив, тука се ризиците и живот да изгуби поради задушување. Тоа е такво кашлање, ќе го употребам терминот, рикање, магарешко рикање. Затоа и се нарекува магарешка кашлица. За мене не е хумано родителот кој одбива да го вакцинира детето, со месеци да гледа како се мачи“, рече д-р Даниловски, кој во 2022 замина во пензија како раководител на Институтот за епидемиологија и биостатистика со медицинска информатика и е поранешен министер за здравство.
Комисијата предлага во градинките да се примаат само целосно вакцинирани деца до траење на епидемијата. Министерот за здравство Фатмир Меџити на денешниот брифинг со новинарите кажа дека очекува од службите да ги подготват документите за прогласување епидемија, да бидат испратени до вакциналните пунктови за да работат во две смени и да се испрати допис до градинките дека не смеат да примаат невакцинирани деца.
Министерот за труд и социјална политика во техничката Влада, Ѓоко Велковски, денеска изјави дека инспекциски служби ќе проверуваат во градинките каде нема вакцинирани деца со ДиТеПер вакцината и ќе интервенираат, за да се спречи епидемија на голема кашлица.
„Од Комисијата за заразни болести има заклучоци и истите треба да бидат одобрени на владина седница. И во закон стои дека секое дете кое што нема примено одредена вакцина не ќе може да биде дел од системот на детска заштита. Ќе ги провериме градинките и нашите инспекциски служби ќе видат каде треба да интервенираме за тоа да биде пракса и за да го спречиме ширењето на оваа епидемија, барем во Скопје како жариште во овој момент“, рече Велковски.
Последните податоци за опфат со ДиТеПер вакцината, која се прима на 2, 4 и 6 месеци и ревакцина на 18 месеци и 7 години, се дека се вакцинирани 83,9 од децата, а треба да биде над 95 отсто.
Б. НЕСТОРОСКА