Скршени прозорци, нова боја за фасадата и пламен и дим од факели е епилогот од ударот на Шарената револуција на Министерството за правда. Демонстрантите од Влада стигнаа пред Министерството за правда. Специјалната единица за боење вечерва со компресор ја бои фасадата додека се скандира „Шутка не ти бега Никола“ и се пее „Никој не се плаши, слобода се раѓа, пазете луѓе Владата ќе паѓа“. Фасадата се гаѓа и со стандардните балони со боја, а дел од демонстрантите гаѓаат и со тврди предмети па скршени се неколку прозорци.
Пред Влада на демонстрантите прв им се обрати Павле Боговевски кој синоќа беше уапсен па ослободен во обид да направи герила акција.
„Сите се дел од промената, гласот на граѓаните мора да важи, да се чуе секаде. Заедно со партиите, сите кои го кренаа гласот против ова злосторничко здружение. Груевски тргни ги канџите од СЈО, Уставниот суд мора да се произнесе и да не ја држи правдата во заложништво“, рече Богоевски.
И Владимир Куновски од „Левица“ кој помина 50 дена во притвор, беше меѓу говорниците пред Влада. Рече дека на протестите гледа како на ментален Илинден и наглсаси дека ова се историски моменти во кои граѓаните се обединети за формирање на нова граѓанска, демократска и социјална држава.
По него, говор имаше Радмила Шеќеринска кој рече дека нема шанси за уште едни криминални избори.
„Молк веќе нема во Македонија, стравот сега е само во една фамилија и таму ќе остане. Груевски сака да го сврти народот против народот, но нема шанси. Корупцијата има име и презиме и еден излез од кризата- оние кои краделе треба да одговараат“, рече Шеќеринска.