СО КОВАЧЕВСКИ СЕ СОГЛАСИВМЕ ЕУ ДА БИДЕ ГАРАНТ ДЕКА БУГАРИТЕ ЌЕ ВЛЕЗАТ ВО МАКЕДОНСКИОТ УСТАВ, ВЕЛИ ПЕТКОВ

    СО КОВАЧЕВСКИ СЕ СОГЛАСИВМЕ ЕУ ДА БИДЕ ГАРАНТ ДЕКА БУГАРИТЕ ЌЕ ВЛЕЗАТ ВО МАКЕДОНСКИОТ УСТАВ, ВЕЛИ ПЕТКОВБугарскиот премиер кажа и дека со македонската влада се согласиле дека треба да се справат со последиците од некаква си антибугарска кампања во времето на Тито. - Од пречекот на Петков во Скопје на 18 јануари (Фото: Ѓ. Личовски)

    Бугарскиот премиер Кирил Петков вели дека со македонската влада предводена од Димитар Ковачевски ќе достават заеднички предлог до Европската комисијата, Брисел да биде гарант дека Бугарите ќе влезат во македонскиот устав во текот на пристапните преговори со ЕУ.

    Во интервју за „Еурактив“, Петков вели дека тоа не е билатерално прашање, туку е во согласност со принципите на сите земји членки на ЕУ.

    „Мислам дека сега имаме разбирање со новата влада дека во уставот треба да биде вклучено дека секој Бугарин во Северна Македонија може да се чувствува рамноправен со другите Македонци со поинакво потекло. Оваа еднаквост и антидискриминација се согласивме дека треба да се направи и сега треба да го најдеме вистинскиот механизам за да се осигураме дека ќе се случи. Во овој поглед, разговараме со нашите пријатели од Брисел да бидат гаранција за ова како дел од пристапните преговори. Не е дека едната земја притиска, а другата вели не, туку сега планираме да излеземе пред Европската комисија со заеднички предлог, на принципите на Копенхашките критериуми, на принципите на законска заштита на луѓето со поинакво потекло. Не се работи за билатерално прашање, туку принципи на сите земји членки на ЕУ во целост. Тоа може да биде пример и за пристапните процеси на другите земји од Балканот“, кажа Петков.

    Бугарскиот премиер кажа и дека со македонската влада се согласиле дека треба да се справат со последиците од некаква си антибугарска кампања во времето на Тито.

    „Се согласивме со македонската влада дека мора да се справиме со последиците од години на негативна пропаганда што се случуваше во време на комунизмот. Да се осигураме да направиме механизам со кој ќе истребиме дискриминација и говор на омраза во текот на пристапните преговорите. Ова доаѓа заедно со правна рамка бидејќи македонскиот устав има специфични елементи во кои се зборува за групни права, не за индивидуални права“, вели Петков.

    Пораките од Брисел и Вашингтон досега беа дека билатералните прашања меѓу Македонија и Бугарија не треба да бидат дел од преговарачкиот процес, кој треба да почне без одлагање.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира