СО НОВИТЕ ЦЕНИ НА АДВОКАТИТЕ, ПРАВДА ЌЕ ИМА САМО ЗА БОГАТИТЕ

a:1:{s:9:"td_source";s:45:"Скопје,(САКАМДАКАЖАМ.МК)

    СО НОВИТЕ ЦЕНИ НА АДВОКАТИТЕ, ПРАВДА ЌЕ ИМА САМО ЗА БОГАТИТЕ

    Цените за адвокатските услуги скокнаа дури до 30, 50, па и 100 проценти со новата Тарифа за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите, која стапи на сила пред 20-ина дена. Скопските адвокати за ова не зборуваат јавно, но се загрижени за својата заработувачка и прашуваат: “Кој ќе може нам да ни ги плаќа овие големи суми ?“

    Адвокатите укажуваат на тоа дека новата тарифа ќе значи и обесхрабрување на луѓето правдата да ја бараат на суд, оти ретко кој ќе може да плати за тужбите, а камо ли за адвокатските трошоци на тужената страна во случај процесот да се загуби. На пример, ако работникот загуби работно-правен спор, тој ќе треба на адвокатите на работодавачот кого го тужел за кршење на работничко право да им плати околу 150.000 денари, пресметано за просечно долг судски процес од една година.

    Шокантни цени има за услугите од адвокат кој застапува на суд. Но уште потрауматични се трошоците кои треба да се плаќаат од први јануари, 2017 година, кога ќе почне да се применува Законот за нотаријат, кој наложува задолжително присуство на адвокат пред нотар.

    САКАМДАКАЖАМ.МК со пресметки според новата тарифа, која ја носи Адвокатската комора на Република Македонија, ќе се обиде низ примери да претстави колкави се сега трошоците за граѓаните и за компаниите за секојдневни потреби за кои им треба адвокат. Има ставки за кои треба да се продаде имот за да се плати адвокатска услуга.

    Она што им дава можност на адвокатите да влечат дупло пари од странките, покрај енормно зголемените цени за паушалот, е ставката која вели дека во постапката на адвокатот му следуваат дополнителни 20 отсто од основицата што му ја плаќате, за секој изминат час, во судница, во обвинителство, во полициска станица, во центар за социјална работа, во канцеларија кај него кога ви дава правен совет, пред нотар, извршител. Освен тоа, се наведува дека во застапување и одбрана пред овие органи, кои не се завршуваат во еден ден, туку се одложуваат и траат повеќе денови, “секој започнат ден се смета за ново застапување, односно нова одбрана“. Тоа ќе подразбира за секое рочиште да се плаќа паушал (исто како првиот ден кога почнала одбраната), плус надградба по 20 отсто од паушалот за секој поминат саат. Оттаму, ако се развлече едно судење или истрага во повеќе рочишта, што е секојдневие во нашето судство, за да се плати адвокатот што застапува, ќе чини цело богатство.

    Адвокатската уличка во Скопје

    Адвокатската уличка во Скопје

    НАГРАДИ ЗА  ОДБРАНА И ЗАСТАПУВАЊЕ ОД АДВОКАТ

    За да напише адвокат поднесок со кој се поведува постапка, или договор, образложен поднесок, приговор, одговор, предлог за извршување, наградата се определува според висината на барањето во поднесокот, или според пропишаната казна, зависи за што се најмува адвокатот. За поднесоци во вредност од 10.000 до 50.000 денари, наградата е за првиот и за секој изминат ден по 3.000 денари, плус 20 отсто од 3.000 денари за секој изминат час. Од 50.000 до 100.000 денари наградата е 4.000 денари паушал, плус тие 20 отсто во низа.

    Од 100.000 до 300.000 денари (пет илјади евра), или за дело за кое е предвидено една година затвор, се почнува од 5.000 денари паушал, па натаму на бранителот што е ангажиран, му плаќа за секој изминат саат на рочиштата. Како напомена – сите овие трошоци, во ист износ, се плаќаат секој ден одново.

    За спорови вредни од 15.000 евра до 40.000 евра, или за дела казниви со затвор до 10 години, адвокатската награда за писмен поднесок стартува со 9.000 денари, плус тие 20 отсто што ќе следуваат натаму за секој саат поминат на рочиштата. Од 40.000 до 80.000 евра тежок спор или за казна затвор до 15 години, како и во полициска постапка, странките за одбрана или за застапување за секое рочиште според тарифата ќе плаќаат од 12.000 денари па нагоре, зависно од времетраењето на рочиштето на дневна основа. За спорови над оваа сума, казна затвор над 15 години или доживотен затвор, наградата секој ден за адвокатот  ќе стартува од 18.000 денари нагоре.

    Потсетуваме, во Адвокатската тарифа пишува: “Секој започнат ден се смета за ново застапување, односно нова одбрана“.

    За спорови од пет милиони до 10 милиони денари, наградата изнесува 500 евра за секој започнат ден. Над 10 милони денари наградата е 650 евра за секој започнат ден.

    За состав на редовен и вонреден правен лек наградата е за 50 отсто поголема од сумиве што ги наведовме.  “Ако адвокатот не учествува на расправа или претрес, наградата е 100 % зголемена“, стои во тарифата.

    КОЛКУ ЌЕ ПОРАСНАТ ТРОШОЦИТЕ ПРЕД НОТАР КОГА ЌЕ МОРА ЗАДОЛЖИТЕЛНО ДА СЕ ЗЕМЕ АДВОКАТ?

    Не е точно дека задолжителниот адвокат пред нотар се воведува само заради поголема правна сигурност на граѓаните, туку тоа ќе биде печалба на векот за адвокатите, тврдат нотарите.

    Сега за преддоговор кај нотар, за предмет вреден 30.000 евра, ако сам си го направите, му плаќате на нотарот  4.000 денари за солемнизација и толку. Ако преддоговорот ви го состави нотар, услугата чини 8.000 денари.

    Но, од први јануари, 2017 кога стапува на сила задолжителното присуство на адвокат во постапките пред нотар, 9.100 денари мора да му платите на адвокатот за да ви го состави договорот, бидејќи нотарите веќе нема да смеат да составуваат договори, преддоговори и нотарски акти воопшто за предмети вредни над 10.000 евра. Со солемнизацијата за предмет вреден 30.000 евра, вкупно плаќате 13.000 денари.

    Ако купувате сега стан од 50.000 евра и ако нотарот ви го состави тој договор, како што е вообичаена пракса за повредни предмети, вкупно услугата чини 12.000 денари. Од јануари, според адвокатската тарифа објаснета погоре, само да ви го состави договорот за пред нотар, на адвокатот треба да му платите 15.600 денари. Потоа треба да платите за нотарската услуга уште 5.000 денари. (Наградата нотарот ќе ја дели со адвокатот, затоа во случајов е намалена од 12.000 на 5.000).

    За стан од 90.000 евра, 19.500 денари добива адвокатот за состав на договорот, плус 6.000 денари за нотарот. Сега без адвокат, вкупниот трошок е само кај нотарот и тој за оваа сума изнесува 12.000 денари и толку.

    Она што е најстрашно е што сега, кај кредитите, ако сами си го составите преддоговорот, заверката кај нотар ве чини 300 денари. Од јануари, 300-те денари скокаат на 9.000 денари, бидејќи него мора да го состави адвокат. Во спротивно, според новиот Закон за нотаријат, нотарот нема да смее да ви го завери преддоговорот.

    Адвокатите ќе земаат награда и кога ќе пишуваат предлози за издавање нотарски платен налог, за неплатени сметки во вредност од над 10.000 денари, бидејќи на правните служби во ЕВН, Топлификација, Водовод, им се забранува веќе тие да го прават тоа.

    Во оставинската постапка пред нотар, бидејќи и таму се уфрлаат задолжителни адвокати, колку и да е чиста постапката и да немате спор со вашите родители, роднини, “наградата  и трошоците за адвокатот изнесуваат 50% од наградата и трошоците на адвокатот“, стои во Адвокатската тарифа.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира