СО СУБВЕНЦИИ ЗА СЕМЕЈНА МЕДИЦИНА ЌЕ СЕ РЕШАВА НЕДОСТИГОТ ОД 350 МАТИЧНИ ЛЕКАРИ, НАЈАВИ ФИЛИПЧЕ

    СО СУБВЕНЦИИ ЗА СЕМЕЈНА МЕДИЦИНА ЌЕ СЕ РЕШАВА НЕДОСТИГОТ ОД 350 МАТИЧНИ ЛЕКАРИ, НАЈАВИ ФИЛИПЧЕЕден од начините за да се унапреди примарната здравствена заштита е стимулирање на семејната медицина, а акцент да се стави на превентивните програми; - Од одбележување на Денот на семејна медицина (Фото: МИА)

    Субвенции за специјализации по семејна медицина, најави денес министерот за здравство Венко Филипче, на одбележување на Денот на семејниот лекар 19 мај, со кои ќе се пополнува недостигот од лекари во примарната здравствена заштита. Тој кажа дека примарната здравствена заштита е столбот на здравствениот систем и дека заедно со Светска банка и Светската здравствена организација направиле теренска снимка и утврдиле дека во одредени региони недостигаат над 350 матични лекари и дека еден од начините за да се унапреди примарната здравствена заштита е стимулирање на семејната медицина, а акцент да се стави на превентивните програми.

    Филипче рече дека следната недела со Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) ќе излезат со информација околу барањата на Здружението на приватните лекари за зголемување на капитацијата и вредносниот бод по кој се плаќаат избраните лекари, за што претходно кажа дека со ФЗОМ се договориле тоа прашање да се решава 2020 година.

    „Освен со информација за капитацијата ќе бараме и поквалитетна услуга особено во делот на превентивните програми“, рече Филипче.

    Д-р Катерина Ставриќ, директор на Клиниката за детски болести и наставник на катедрата за семејна медицина на Медицинскиот факултет, рече дека во моментов има 330 лекари по семејна медицина и дека 80 се во процес на доедукација.

    „Со оглед на тоа дека бројот на матични лекари сега е мал и изнесува 1.500 лекари сметаме дека и лекарите по семејна медицина со соодветна специјализација и дообука може да дадат квалитетна примарна заштита, особено во контрола на репродуктивно и здравје и детската заштита“, рече д-р Ставриќ.

    Таа кажа дека со Министерството за здравство треба да ја доутврдат листата на услуги кои семејните лекари би можеле да ја дадат во примарната здравствена заштита.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира