Од октомври 2022 до септември 2023 во Македонија биле спроведени околу 536 здравствени прегледи од далечина со проектот за телемедицина на УНИЦЕФ и други партнери, велат од Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје за САКАМДАКАЖАМ.МК.
На 27 октомври 2022 УСАИД соопшти дека почнува пилот-иницијатива, откако УНИЦЕФ и УСАИД обезбедија педесетина уреди за следење на здравјето од далечина кои ќе им овозможат на лекарите да вршат физички прегледи од далечина.
Со Пилот-проектот биле извршени прегледи за испитување на срцето и белите дробови со висококвалитетни дигитални звуци; уши, грло и кожа со висококвалитетни дигитални слики и видео; и мерење на отчукувањата на срцето и телесната температура.
„Во 2022 УНИЦЕФ заедно со други партнери го поддржа Министерството за здравство во воведувањето телемедицина и други дигитални решенија за обезбедување на здравствена заштита од далечина. Една од иницијативите опфати поддршка за развој на капацитетите на општите и матичните лекари во примена на модулот за телемедицина кој беше интегриран во ‘Мој термин’ со поддршка од Светската здравствена организација (СЗО). Модулот им овозможува на лекарите да даваат телефонски или видео здравствени услуги на пациентите. Во обид да ги прошири услугите за телемедицина и да им овозможи на лекарите да вршат физички прегледи од далечина, УНИЦЕФ го поддржа пилотирањето на употребата на уреди за следење на здравјето од далечина.
За таа цел, УНИЦЕФ со средства од УСАИД набави 50 уреди и обучи тим од лекари за користење на апаратите“, ни рекоа од Канцеларијата на УНИЦЕФ.
Пилот-проектот покажал дека уредите се ефикасни во обезбедувањето алтернатива на традиционалните здравствени консултации лице в лице во случаи кога физичкото присуство не е можно или не е неопходно. Се покажало дека употребата на уредите помага да се спречи непотребното упатување на пациенти помеѓу различните нивоа на здравствени услуги, да се намали оптоварувањето на здравствениот систем, семејствата да не се изложуваат на финансиски трошоци при патување за да добијат здравствени услуги, да се поддржат семејствата со деца со попреченост и пациентите со проблеми со мобилноста.
„Бидејќи пилот-проектот заврши, трошоците, придобивките и идното финансирање на оваа услуга ќе треба дополнително да се анализираат за да се добијат информации за изводливоста на нејзиното продолжување и евентуалното проширување. Набавката на уреди за далечинско следење беше дел од пошироката поддршка на УНИЦЕФ на Министерството за здравство како одговор на ковид-19 и зајакнувањето на здравствениот систем преку дигитализација и беше финансирана од Агенцијата за меѓународен развој на САД“, велат од УНИЦЕФ.
Министерот за здравство Арбен Таравари на 12 август најави дека разговараат со Управата за електронско здравство „Мој термин“ за користење на телемедицина.
„На Македонија дефинитивно ѝ треба сите здравствени установи да бидат во ист систем, и јавни и приватни установи и фармации и Фондот за здравство. Ќе видиме, ќе разгледаме. Веќе разговараме со ‘Мој термин’ за користење на телемедицината, консултации со пациенти на дистанца, бидејќи за одредени прашања тој не мора да се замара да оди во клиника, туку може да исконтактира со докторот во одреден период кога тој дава консултации од дистанца. Доколку има потреба, после би го повикал пациентот да го прегледа физички“, рече Таравари.
- РАЗГОВАРАМЕ СО „МОЈ ТЕРМИН“ ДА ВОВЕДЕМЕ ТЕЛЕМЕДИЦИНА ЗА ДА НЕ СЕ ЗАМАРААТ ПАЦИЕНТИТЕ ДА ДОАЃААТ ЗА КОНСУЛТАЦИИ, РЕЧЕ ТАРАВАРИ
- ДОКТОРИТЕ ЌЕ ГИ ЛЕЧАТ РАНЛИВИТЕ СЕМЕЈСТВА СО УРЕДИ ЗА ТЕЛЕМЕДИЦИНА, КУПЕНИ СО ПАРИ ОД УСАИД И УНИЦЕФ
Б. НЕСТОРОСКА