Околу 330.000 евра досега се собрани за помош на настраданите во катастрофалниот земјотрес што ги погоди Турција и Сирија. Овие средства се собрани преку донаторските телефонските линии и од Фондот на солидарност на Црвен крст на Македонија.
Како што велат од Црвениот крст, правните субјекти и физичките лица освен финансиска помош можат да донираат и материјални добра согласно приложената листа на потреби за помош на настраданото население, упатена од турската држава и турската Црвена полумесечина. Потребно е да се донираат зимски семејни шатори, ќебиња, греалки на струја или плин, церади, постилки за на земја, вреќи за спиење, столици на расклопување кои се претвораат во кревет, креветчиња на расклопување, фенери на соларно напојување, кујнски сетови, храна и средства за хигиена.
„Задолжително е сите донирани артикли да бидат нови. Приоритет да се става на зимски семејни шатори, церади, вреќи за спиење и ќебиња“, велат од Црвен крст.
Сите заинтересирани правни субјекти и граѓани можат да донираат парична помош на: Сметката на Фондот на солидарноста на Црвениот крст на РСМ: 300000001327966, даночен број: 4030984271620 АД Комерцијална банка со назнака: помош за населението во Турција и Сирија.
Донации од 100 денари можат да се дадат и со повик на телефонските броеви 143 400 на Македонски Телеком и А1.