СОБРАНИЕ НАЈДОЦНА ДО 31 ДЕКЕМВРИ, ВЛАДА ВО ФЕВРУАРИ

a:1:{s:9:"td_source";s:24:"Скопје,(МЕТА)

    СОБРАНИЕ НАЈДОЦНА ДО 31 ДЕКЕМВРИ, ВЛАДА ВО ФЕВРУАРИ

    Ако новоизбраните пратеници ги чекаат крајните рокови предвидени со Уставот на државата, тогаш новиот собраниски состав ќе биде конституиран најдоцна до 31 декември, а новата влада најдоцна до средината на февруари следната година.

    Вака изгледа календарот за конституирање на Собранието и за формирање на новата влада:

    • 31 декември – избраните пратеници се состануваат на конститутивна седница, која во случајов треба да ја свика претседателот на претходниот собраниски состав, Трајко Вељаноски (Конститутиваната седница може да биде и на 1 јануари 2017 година, a седницата, според деловникот на Собранието, ја свикува најстариот по години избран пратеник);
    • 9-10 јануари – претседателот Ѓорге Иванов му го дава мандатот за формирање нова влада на кандидатот на партијата или партиите што имаат мнозинство;
    • 29-30 јануари – Мандатарот го предлага составот на владата и поднесува програма;
    • 14 февруари – се одржува седница за избор на владата (односно 15 дена по приемот на предлогот за состав на владата и програмата, според деловникот на Собранието);
    • 16 февруари – Пратениците гласаат за избор на новата влада. Владата е избрана ако за неа гласало мнозинството од вкупниот број пратеници.

    Инаку, вчера, еден ден по изборите, високата претставничка за надворешна политика на Европската Унија, Федерика Могерини, и еврокомесарот Јоханес Хан ги поздравија спроведените предвремени парламентарни избори во Македонија и истакнаа дека очекуваат брзо формирање на новото Собрание и на новата влада и да се фокусираат на спроведувањето на реформите. Идентичен став искажа и шефот на германската дипломатија Франк Валтер Штајнмаер во неговиот коментар за изборите и очекувањата на Германија околу постизборните процеси во земјава.

    Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој најверојатно ќе го добие мандатот за формирање на нова влада, синоќа на партиската прослава по објавувањето на првичните неофицијални резултати од изборите на Државната изборна комисија, најави дека веднаш ќе почне преговори за формирање влада, за кончено завршување на политичката криза.

    Новоизбраното Собрание, според Уставот, се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори. Конститутивната седница ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав. „Доколку не се закаже конститутивна седница во предвидениот рок, пратениците сами се состануваат и го конституираат Собранието на дваесет и првиот ден од денот на завршувањето на изборите“, стои во членот 63 од највисокиот правен акт.

    Според членот 90, пак, претседателот на Република Македонија е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието, мандатот за состав на владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира