СОБРАНИЕТО ГИ ДОНЕСЕ ЗАКОНИТЕ ЗА СУДСКА И ЗА ЈАВНООБВИНИТЕЛСКА СЛУЖБА

    СОБРАНИЕТО ГИ ДОНЕСЕ ЗАКОНИТЕ ЗА СУДСКА И ЗА ЈАВНООБВИНИТЕЛСКА СЛУЖБАЗаконите се дел од реформската агенда и развој на правосудството, а пред да се донесат беа жестоко критикувани од службениците од судовите и од обвинителствата; - Од протест на судската администрација. (Фото: СДК.МК)

    Собранието денеска ги изгласа Законот за судска служба и Законот за јавнообвинителска служба за кои власта вели дека се најзначајните реформски законски решенија во областа на правосудството.

    Законите се дел Реформската агенда и Развојната секторска стратегија за правосудство 2024–2028, а пред да се донесат, на собраниските комисиски расправи беа жестоко критикувани од службениците од судовите и од обвинителствата.

    Најзначајната новина во Законот за судска служба е издвојувањето на судските стручни службеници на начин што добиваат статус на посебни административни службеници, односно како посебна категорија вработени во судската власт со сопствен законски режим. Се воспоставува нов и пофункционален систем на класификација на работните места, преку дополнување на категориите, нивоата и звањата на судските службеници согласно реалните потреби на судовите. Истовремено, се воспоставува нов систем на вработување и унапредување, специјално прилагоден на судската служба. Се воведува посебна постапка која вклучува административна селекција, испит и интервју, со што се обезбедува избор на најквалитетни и најстручни кадри за потребите на судовите.

    Судскиот буџетски совет добива централна улога во кадровското планирање преку изготвување единствен годишен план за вработување, кој ќе се доставува до Министерството за финансии и Министерството за јавна администрација за увид и известување, без потреба од претходна согласност. Со тоа, според Министерството за правда, се намалува зависноста од извршната власт и се зацврстува кадровската автономија на судството.

    Законот воведува и нов систем на плати, со кој зголемувањата предвидени со колективните договори стануваат составен дел од основната плата, обезбедувајќи стабилен, предвидлив и правичен систем на вреднување на трудот на судските службеници. Се уредува и статусот на судската полиција, чии припадници добиваат бенифициран работен стаж, како и статусот на останатите категории вработени во судовите, со јасно дефинирани права, обврски и одговорности.

    „Посебно се унапредува и институцијата судски администратор. За првпат се воспоставува вистински кариерен систем кој овозможува напредување на искусни и стручни судски службеници до оваа функција, врз основа на јасно утврдени критериуми. Воедно, судскиот администратор станува дел од системот на дисциплинска одговорност, со што дополнително се зајакнуваат интегритетот, отчетноста и професионалноста во судската служба“, рече Министерството за правда.

    Собранието на денешната седница го донесе и Законот за јавнообвинителска служба, кој го смета за исчекор кон зајакнување на самостојноста, професионалноста и ефикасноста на Јавното обвинителство.

    „Законот воведува посебен систем за управување со човечките ресурси, со поедноставени и поефикасни постапки за вработување, намалена зависност од надворешни институции и избор на најстручните и најквалитетните кадри. Особено внимание е посветено на кариерниот развој на јавнообвинителските службеници. Се воспоставува јасна вертикална кариера и реални можности за професионално напредување до највисоките раководни позиции во службата. Со законот значително се зајакнува и улогата на Советот на јавнообвинителска служба, кој добива пошироки надлежности во областа на кадровската политика, дисциплинската одговорност и заштитата на правата на вработените, што дополнително придонесува за изградба на професионална, независна и одговорна јавнообвинителска служба“, кажа денеска Министерството.

    Една од најзначајните придобивки е и унапредувањето на материјалната положба на вработените. Законот воведува нов систем за пресметка на платите, со кој зголемувањата обезбедени преку колективните договори стануваат составен дел од основната плата. Согласно колективниот договор предвидено е и етапно зголемување на платите.

    Министерството за правда вели и дека со законот се воспоставува  потранспарентен и поефикасен систем на дисциплинска одговорност, со прецизно дефинирани дисциплински повреди, дисциплински комисии и право на жалба пред Советот на јавнообвинителска служба, со што се гарантира дополнителна заштита на правата на службениците.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира