СОБРАНИЕТО ГО ОДБИ ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ НА ВМРО-ДПМНЕ ЗА АМНЕСТИЈА ЗА 27 АПРИЛ, ТЕЛОТО ЗА ПОМИРУВАЊЕ ЌЕ СЕ СОСТАНЕ В СРЕДА

    СОБРАНИЕТО ГО ОДБИ ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ НА ВМРО-ДПМНЕ ЗА АМНЕСТИЈА ЗА 27 АПРИЛ, ТЕЛОТО ЗА ПОМИРУВАЊЕ ЌЕ СЕ СОСТАНЕ В СРЕДАЗа в среда е закажан првиот состанок на координативното интерпартиско тело за помирување. Терминот бил договорен на денешната редовна координација на координаторите на пратеничките групи со претседателот на Собранието Талат Џафери. - На средбата не присуствувал координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски (Фото: СДК.МК)

    Собранието не го прифати предлог законот за амнестија за учесниците во организираниот напад на Собранието на 27 април 2016 година поднесен од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Против гласаа 59, а 25 пратеници „за“.

    Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Невенка Стаменковска во образложението на законот за амнестија рече дека ако премиерот Зоран Заев и СДСМ сакаат вистинско национално помирување и неселективно спроведување на правдата, треба да го поддржат предогЛот на ВМРО-ДПМНЕ за амнестија на сите учесници во нападот на Собранието од 27 април. Опозицијата бараше законот да биде донесен по скратена постапка.

    „Игор Дурловски, Богдан Илиевски, Борис Дамовски, Владо Јовановски не се терористи. Тоа го знаете и вие и целата македонска јавност. Ако сакате национално помирување и подадена рака, како што беше кажано од собраниската говорница, поддржете го нашиот предлог“, рече Стаменковска.

    За в среда е закажан првиот состанок на координативното интерпартиско тело за помирување. Терминот бил договорен на денешната редовна координација на координаторите на пратеничките групи со претседателот на Собранието Талат Џафери. На средбата не присуствувал координаторот на ВМРО-ДПМНЕ.

    Телото за помирување треба да го подготви предлогот за амнестија за организираниот напад на Собранието на 27 април. Ќе се разгледуваат правните можности како да се направи селективна амнестија, како што ја најави премиерот Зоран Заев.

    Во координативното тело за помирување не учествуваат ВМРО-ДПМНЕ, а од Движењето Беса и од Алијансата за Албанците изјавија дека нема да делегираат свои претставници.

    Со одбиениот предлог- закон за амнестија на ВМРО-ДПМНЕ, се уредува начинот на ослободување од кривично гонење, запирање на поведените постапки и целосно ослободување од издржување на казната затвор, а за кои постои основано сомнение дека сториле кривични дела: учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие, насилство, учество во толпа што ќе изврши кривично дело и дело за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедност.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира