Звонко Давидовиќ, адвокат на обвинетиот Душко Лазаров од МВР, кој се товари дека не ја испочитувал наредбата на тогашниот министер Агим Нухиу да прати полициско засилување за спас на пратениците и новинарите на 27 април лани за време на организиранот напад на Собранието, во воведниот збор на денешното судење праша зошто Нухиу не е во обвинението. Лазаров, кој тој ден бил дежурен во оперативниот штаб во МВР, е меѓу 33 лица обвинети за терористичко загрозување на Уставниот поредок и безбедноста за организираниот напад на Собранието.
„Од златна и сребрена команда и уште 14 други членови на оперативниот штаб во МВР, кога Нухиу отишол лично таму го затекнал сам Душко Лазаров, кој бил дежурен. Во ниеден документ нема дека Лазаров имал командна одговорност. Во штабот тој имал советодавна функција. Обвинителството тврди дека Лазаров одбил да спроведе негова усна наредба, надлежност што ја немал клиентот. Па зошто тој како министер не ја дал? Собранието му гори, него Душко Лазаров му е крив. И зошто го нема Нухиу во обвинението за 27 април?“, праша Давидовиќ.
Денеска, на вториот ден од судењето, воведни зборови даде и адвокатот на Митко Пешов, сребрената команда во штабот, како и на Горан Ѓошевски, началник на обезбедувањето на тоагашниот претседавач со Собранието Трајко Вељаноски.
Судењето продолжува утре во 10 часот, а останаа воведни зборови од одбраната уште за половината од 33 обвинети.
С. К. ДЕЛЕВСКА