СОБРАНИЕТО ЗАГЛАВЕНО ВО ТОЛКУВАЊЕ НА ДЕЛОВНИКОТ, АХМЕТИ НЕ ГЛЕДА СВЕТЛО НА КРАЈОТ ОД ТУНЕЛОТ

    СОБРАНИЕТО ЗАГЛАВЕНО ВО ТОЛКУВАЊЕ НА ДЕЛОВНИКОТ, АХМЕТИ НЕ ГЛЕДА СВЕТЛО НА КРАЈОТ ОД ТУНЕЛОТПарламентарното мнозинство, предводено од СДСМ, на 27 март поднесе предлог од најмалку 20 пратеници за избор на Талат Џафери од ДУИ за претседател на Собранието. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Ниту десеттото продолжение од маратонската конститутивна седница на Собранието, започната на 30 декември минатата година, не донесе придвижување и дебатата останува заглавена на третата точка од дневниот ред за избор на собраниската Комисија за избори и именувања.

    Вчерашната расправа помина во остри спротивставувања, дофрлувања од место, куп процедурални забелешки и со неколку реплики, а седницата во најголем дел се сведе на толкувања на членовите 78, 80 и 65 од деловникот на Собранието, дали може или не да се побара измена на дневен ред додека сè уште трае претресот на третата точка. Се работи за предлогот од 10 пратеници на СДСМ поднесен во четвртокот, место за актуелната трета точка, да се оди на четвртата точка – избор на нов претседател на парламентот. Единаесеттото продолжение на седницата е закажано за денеска во 11 часот.

    Во меѓувреме, се одржа куса средба на Централното претседателство на ДУИ во Мала Речица по која лидерот на партијата Али Ахмети кажа дека не гледа светло на крајот од тунелот,

    „Решавањето на кризата  не зависи само од нас, туку од сите партии. Некои од партиите ги блокираат државните институции. Во моментов не гледам светло на крајот од тунелот, но се надевам дека сите партии ќе дадат свој придонес да излеземе од кризата“, рече Ахмети и додаде дека со закани и уцени нема да се реши кризата.

    Портпаролот на Европската комисија Маја Коцијанчич порача дека во Брисел очекуваат Собранието да се деблокира без понатамошно одложување и уште еднаш го повика претседателот Ѓорге Иванов да ја преиспита одлуката да не го додели мандатот за формирање влада на новото парламентарно мнозинство.

    „Очекуваме  сите  политички  лидери и институции  да дозволат да продолжи демократскиот процес, а тука се подразбира и изборот на нов претседател на Собрание и би сакале тоа да го видиме без одложувања“, кажа Маја Коцијанчич на вчерашната прес-конференција во Брисел.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира