СОЈУЗОТ НА СРЕДНОШКОЛЦИ СО 4 БАРАЊА ЗА ДРЖАВНАТА МАТУРА, МЕЃУ КОИ ПРОМЕНА НА ТЕРМИН ПОРАДИ ДУХОВДЕН

    СОЈУЗОТ НА СРЕДНОШКОЛЦИ СО 4 БАРАЊА ЗА ДРЖАВНАТА МАТУРА, МЕЃУ КОИ ПРОМЕНА НА ТЕРМИН ПОРАДИ ДУХОВДЕНДенеска пред МОН протестираа дел од средношколците, т. е од Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците (ОДАС), кои бараат да се скрати материјалот за државната матура. (Фото: К. Попов)

    Сојузот на средношколци на денешното Генерално собрание усвои четири барања по однос на државната матура, меѓу кои и поместување на првиот термин за првиот екстерен испит поради верскиот празник Духовден. Државниот испитен центар (ДИЦ) веќе објави дека државна матура ќе се полага на 27 мај и 10 јуни. На 27 мај ќе се полагаат македонски јазик и литература, албански јазик и литература и турски јазик и литература, а на 10 јуни математика, англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, филозофија, естетика.

    Од Сојузот на средношколци бараат наставниците да ги споделат материјалите за интерните испити и банките со прашања најдоцна четири недели пред денот на испитот. Бројот на прашања во банките да биде 3 пати поголем од бројот на прашања на испитот.

    „Доколку е можно имајќи го предвид православниот празник Духовден, да се помести првиот екстерен испит од 27 мај на 3 јуни. Сојузот смета дека оваа промена треба да се однесува само на првиот екстерен испит, односно сите останати компоненти да се одржат на однапред планираните датуми“, стои во нивното соопштение, кое ќе биде испратено до Владата, Министерството за образование и наука (МОН) и ДИЦ.

    „Моменталниот модел на упис на универзитетите во земјава предвидува оценките од свидетелствата да носат најмногу 60 поени, додека останатите 40 поени произлегуваат од оценките добиение на државната матура.
    Сега екстерните испити носат најмногу 24 поени, интерните испити носат најмногу 12 поени, а проектната задача носи максимум 4 поени. Имајќи ги предвид состојбите во образовниот систем и прекините во наставниот процес на оваа генерација, Сојузот предлага да се промени соодносот, т.е. екстерните да носат 20 поени, интерните 16 поени и проектната задача да носи 4 поени.
    Сојузот смета дека нашето барање ќе биде во интерес на средношколците бидејќи интерните испити кои се креирани од самите предметни наставници ќе имаат повеќе тежина при уписот на факултетските студии. Затоа бараме од надлежните да издаде препорака до универзитетите преку која ќе се издејствува оваа промена.
    Сојузот бара Владата да им препорача на сите универзитети во земјава првиот екстерен предмет (мајчин јазик – Македонски јазик и литература, Албански јазик и литература, Турски јазик и литература) да го сметаат за соодветен, со што ќе се зголеми неговиот придонес во поените за државната матура“, соопшти Сојузот.

    Денеска пред Министерството за образование и наука (МОН) протестираа дел од средношколците, т. е од Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците (ОДАС), кои бараат да се скрати материјалот за државната матура.

    Од МОН велат дека испитниот материјал за државната матура е соодветен на воспитно-образовниот процес на учениците кои матурираат годинава и дека испитните комисии кои ги подготвуваат прашањата, имаат предвид дека наставата повремено се организираше онлајн поради пандемијата со овид и поради заканувачките дојави, а повремен прекин се случи и поради штрајк на наставниот кадар.

    „ Прашањата ќе се однесуваат исклучиво на најважните аспекти, податоци и информации од материјалот кој учениците го совладале во четирите години од нивното средно образование. Датумите за полагање на испитите се дефинирани во Календарот за организација на работата на јавните средни училишта во учебната 2022-2023 година и учениците имаат доволно време да се потсетат на тоа што веќе е поминато и научено.
    Министерството го цени мислењето на средношколците и затоа тие се дел од креирањето на образовните политики. Исто така МОН во наредниот период ќе организира состаноци и со Сојузот на средношколци како и други засегнати институции во овој процес .

    Двете страни се согласни дека државната матура е важен процес, затоа што значи заокружување на средното образование и е основен услов за запишување на високообразовна установа. Полагањето ќе се одржи, без притоа ниту еден ученик да биде оштетен по било кој основ“, соопшти МОН.

     

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира