СОЛИДЕН ИМУНИТЕТ НА КОВИД-19 ПОКАЖА СЕРОЛОШКОТО ТЕСТИРАЊЕ НА СКОПЈАНИТЕ, ВЕЛИ Д-Р ПЕТЛИЧКОВСКИ

    СОЛИДЕН ИМУНИТЕТ НА КОВИД-19 ПОКАЖА СЕРОЛОШКОТО ТЕСТИРАЊЕ НА СКОПЈАНИТЕ, ВЕЛИ Д-Р ПЕТЛИЧКОВСКИНема точен број на концентрација на антитела која дефинитивно ќе гарантира дека некое лице ќе биде заштитено, затоа резултатите се толкуваат дека индивидуата има или нема имунитет. (Фото: СДК.МК)

    Солиден имунитет на ковид-19 покажаа првичните резултати добиени од серолошкото тестирање спроведено во Скопје кај 920 лица, рече рече директорот на Институтот за имунологија д-р Александар Петличковски кој е и претседател на Комисијата за заразни болести.

    „Податоците укажуваат на многу солиден имунитет врз основа на вакцинација, над 85 проценти од вакцинираните индивидуи имаат некаков  имунитет кон ковид. Не можеме да зборуваме за ефикасноста на имунитетот, но го детектиравме дека постои. Од тие 920 лица, 170 индивидуи беа невакцинирани, а и кај нив се сретнува над 70 проценти серопозитивност, односно и таму има солиден просек на имунитет“, рече д-р Петличковски.

    Петличковски рече дека нема точен број на концентрација на антитела која дефинитивно ќе гарантира дека некое лице ќе биде заштитено. Затоа резултатите ги толкуваат дека индивидуата има или нема имунитет.

    „Олабавувањето на мерките најпаметно е да зависи од комбинирани повеќе индикатори како што е во повеќе западни земји. Се земаат во предвид вакцинираните со две, три дози, прележаните по природен пат, исполнетоста на капацитетите, на леглата во интензивна нега, процентот на позитивни на дневна основа и трендот во неколку недели наназад и од сите параметри излегува просек за епидемиолошката основа во моментот“, рече д-р Петличковски.

    На следната седница на Комисијата ќе бидат разгледани овие податоци во однос на тоа колку можат да бидат применети во насока на олабавување на рестриктивните мерките против ковид-19.

    Бесплатените тестирања за антитела од ковид се спроведуваат во рамки на скринингот што го почна Министерството за здравство пред десетина дена, за да се утврди каков имунитет на ковид-19 има населението во земјава. Предвидено е да се направат околу 3.000 анализи низ повеќе населени места.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира