СОСТОЈБАТА СЕКОЈА МИНУТА СЕ МЕНУВА СО НОВИ ПОЖАРИ, НАЈКРИТИЧНО Е ВО ПЕХЧЕВСКО, ВО СКОПЈЕ ИМА 18, ВЕЛАТ ОД ЦУК

    СОСТОЈБАТА СЕКОЈА МИНУТА СЕ МЕНУВА СО НОВИ ПОЖАРИ, НАЈКРИТИЧНО Е ВО ПЕХЧЕВСКО, ВО СКОПЈЕ ИМА 18, ВЕЛАТ ОД ЦУКОд ЦУК не знаат колку пожари има во земјава оти секој момент се појавуваат нови; - Пожар на патот Пехчево-Делчево. (Фото:Град Скопје)

    Ситуацијата со пожарите во земјава од минута во минута се менува, постојано се појавуваат нови, велат од Центарот за управување со кризи (ЦУК). На денешната прес-конференција на ЦУК беше кажано дека во моментов не знаат точно колку пожари има оти еден се гаси или се става под контрола, а друг се појавува.

    Најкритична е состојбата во Пехчево и Делчево каде се загрозени неколку села, а од пожарот се зафатени и куќи. Во овој регион се гаснеше со хеликоптери, а на терен се 200 припадници од Армијата, како и противпожарните бригади од неколку градови, екипи од Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). Алармантна е ситуацијата и во Кумановскиот Регион, каде има 8 активни пожари и во Прилепскиот каде гори шума на 18 локации.

    Во Скопје во моментов активни се 18 пожари, од кои најкритични се оние во селата Кучково, Добри Дол и Ракотинци.

    „Во моментов, имаме информација за пожар кај фабриката ‘Охис‘. Патот кој води кон Драчево е затворен од безбедносни причини. Ова се првични информации од теренот, деталите ќе имаме во текот на денот. Постојано се појавуваат пожари затоа точна бројка немаме“, рече Марија Милкова  од Центарот за управување со кризи.

    Директорот на Центарот Стојанче Ангелов, повтори дека хеликоптерите не можат да интервенираат во текот на целиот ден ниту навечер.

    „Од каде и да е хеликоптерот, и од Германија, Франција, Шпанија,  не може да летаат постојано  и да гасат пожари навечер. Пожарите се шират со голема брзина, за некои се чудиме како избувнале, некои се намерно подметнати“, рече Ангелов.

    Пожари има и во Свети Николе, а попладневно избувнал и во Дебарца, Охридско.

    Ангелов кажа дека покрај помош од Словенија, Бугарија и Србија, денеска пожарникари со камиони и опрема ќе стигнат и од Австрија.

    Горан Стојановски, раководел на Секторот за операции и координации во ЦУК, кажа дека има голем број луѓе на терен кои се справуваат со пожарите, но временските услови не дозволуваат да се интервенира во одредени региони.

    „Очекуваме повеќе ветер и потешки услови за работа. Променливиот и силен ветер оневозмоува да се интервенира, и затоа приоритети се куќите и објектите. На некои места намерно оставаме да гори шума за да ги спасиме куќите. Имаме проблеми со евакуација на луѓето, бидејќи не сакаат да се оттргнат од домовите кои цел живот ги граделе“, рече Стојановски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира