СОВЕТНИКОТ СИНИША АЛЕКСОВСКИ СЕ ЈАВИЛ И КАЖАЛ ОТИ ИВАНОВ ЌЕ ПРЕДЛОЖИ ВОЕНА СОСТОЈБА, И ДЕКА ВОЕНА ПОЛИЦИЈА ЧЕКА НА ГОТОВС ДА ГО АПСИ РАКОВОДСТВОТО НА СДСМ, СВЕДОЧЕШЕ ОБВИНЕТИОТ МИХАИЛ МЛАДЕНОВСКИ ЗА НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТО

    СОВЕТНИКОТ СИНИША АЛЕКСОВСКИ СЕ ЈАВИЛ И КАЖАЛ ОТИ ИВАНОВ ЌЕ ПРЕДЛОЖИ ВОЕНА СОСТОЈБА, И ДЕКА ВОЕНА ПОЛИЦИЈА ЧЕКА НА ГОТОВС ДА ГО АПСИ РАКОВОДСТВОТО НА СДСМ, СВЕДОЧЕШЕ ОБВИНЕТИОТ МИХАИЛ МЛАДЕНОВСКИ ЗА НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТО„Кољо и Нинџа имаа пиштоли и значки од УБК. Нинџа имаше 2 блиндирани возила. Блиндиран џип со петти и мерцедес блиндиран со седми степен безбедност. Нинџа имаше и радиостаница, ги слушаше командите на полицијата на ниво на СВР Скопје. Пред 27 април се вршеа насилства врз 'државни непријатели', јавни лица и новинари, по проценка и под полна заштита на директорот на УБК Владимир Атанасовски. Операциите ги изведуваше и Нинџа“, сведочеше обвинетиот Михаил Младеновски; - Обвинетиот Александар Василевски-Нинџа на едно од судските рочишта (Фото: СДК.МК)

    Обвинетиот Михаил Младеновски, братот на обвинетиот Стефан што денеска сведочеше пред него на судењето, ја даде својата одбрана како учесник во организираниот напад на Собранието на 27 април лани, почнувајќи со тоа дека овој датум е најцрниот во поновата историја на Македонија. И тој како и брат му сведочеше дека за време на нападот им било кажано оти се јавил Синиша Алексовски, советник за национална безбедност на претседателот Ѓорге Иванов, и кажал дека тој ќе прогласи воена состојба во 22 часот. Обајцата се меѓу 33-та обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок.

    „Од денешен аспект, гледам дека се работи за монструозна конструкција поради која сите сме денес тука. Преку Александар Василевски-Нинџа во кафичот ‘Аристократ’ во 2016 година се запознав со Владимир Атанасовски, тогашниот директор на УБК. Близок пријател со Нинџа. На изборите на крајот на годината двете партии прогласија победа. Атанасовски рече преку протести да се врши притисок врз гласањето во ДИК, во корист на ВМРО-ДПМНЕ. Немаше измени, останаа изборните резултати. Ден пред гласањето, во ‘Аристократ’ дојдоа Владимир Атанасовски, Никола Бошковски од УБК кој сега е избеган во Грција, Дејан Димковски-Боксер од Петтата управа, Мери од кабинетот на директорот на УБК, Нинџа, Никола Митревски-Кољо и други. Рекоа, на знак на Нинџа ќе треба да се фрлаат молотови коктели. Користевме шифри во комуникацијата на сигнал или на вибер. Шифрата за Нинџа беше Самурај, така се водеше во комуникацијата на функционерите во УБК. За тоа дали ќе се дејствува вечер пред зградата на ДИК, имаше шифра 1. Тоа беше за напад. Нула беше за да остане ситуацијата иста, да не се нападне зградата. Директорот Атанасовски испрати шифра нула“, рече Михаил Младеновски.

    Ексдиректор на УБК Владимир Атанасовски не е меѓу 33-та обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок.

    „Продолживме секоја вечер во ‘Аристократ’. Таму секогаш беа истите функционери што ги набројав. Нинџа беше нивната десна рака, извршителот. Разговаравме дали ќе направи влада СДСМ, или ВМРО-ДПМНЕ.
    Тензијата спласна кога се утврди резултатот 51-49 за ВМРО-ДПМНЕ. Но по седница на ДУИ, стана јасно дека ВМРО-ДПМНЕ нема да прави влада. По ова се интензивираа средбите со луѓето од УБК. Почнаа протестите под водство на ‘За заедничка Македонија’. Дурловски, Бетмен, Дамовски и Јовановски беа препознаени кај народот како идни лидери на нова партија, но истовремено, ВМРО-ДПМНЕ ним им даваше логистика. Им носеше автобуси на протести, изработуваше пропаганден материјал“, рече Младеновски.

    „Атанасовски му кажа на Нинџа да следи за него интересни лица, што ги нарекуваше државни непријатели. Беа следени обвинители од СЈО, Кире Наумов, дека според Атанасовски бил склон кон алкохол и малолетни девојчиња и оти треба да му се конструира случај. Нас нè нарекуваше ‘надворешна петка’ , пандан на Петтата управа. Бошковски ми кажа дека ние сме биле јато птици и ако еден од нас се одвои, ќе остане сам и незаштитен. Чавков го избегнуваа. Имаше судир меѓу него и Атанасовски. Во МВР имаше и трета струја на чело со Горанчо Савевски. Тие не прифаќаа да вршат никакви незаконски дејства за да ја заштитат групата околу Нинџа, т. е. околу УБК“, рече Младеновски.

    „Атанасовски го праќаше Нинџа да раководи со патриотските здруженија. Им продаваа приказна дека интересот на Атанасовски е државен интерес. Ние бевме искористени од тогашното раководство на УБК, не знам зошто. Бошковски уште во февруари ми кажа дека народот ќе влезе во Собрание кога ќе се бира претседател. Го прашав како, кога полицијата ќе пружи отпор? Тогаш ми рече ќе издејствува преку полициските станици да не се пружа отпор, а тие специјалци што ќе пружат отпор, ќе бидат повлечени од кордонот“, сведочеше Младеновски.

    Тој кажа дека на 27 април со брат му Стефан отишле во „Дион“, каде биле Кољо и Нинџа.

    „Дојдоа и Ѓорчепетровци. Нинџа му даде пари на Кољо и отидоа со брат ми во ‘Камуфлаж’. Донесоа 30 маски и фантомки. Се вратија пак и докупија нови. Со фискални сметки, за да се оправдаат парите преку една фирма. Нинџа го снемуваше, велеше оди во штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Доаѓаа од патриотските здруженија. Не се познаваа лично повеќето. Околу 18.35 часот, на Кољо му се јави Нинџа. Добивме насока да се упатиме кон Собранието. Ни кажаа да внимаваме да не го скршиме инвентарот“, рече Младеновски.

    „Пред Собранието тропаа по вратите. Отидов кон влезот што гледа кон Дом на АРМ. Тука беа Боксер и Дејан викан Шоп од ЕБР, во цивилка. Предните врати беа отворени. Влеговме. Нè повика обвинетиот Младен Додевски горе. Не знаев нит сала дека има, ниту пратеници внатре. Во еден момент Александар Јанковиќ, началникот на обезбедувањето во Собрание не одбутна, Кољо го удри, му кажавме да се тргне, ситуацијата ескалира. Се отворија вратите од прес-салата, во ќошот го видов Зоран Заев и останатите пратеници. Упаднаа постари луѓе. По пратениците од СДСМ се маваше со сè и сешто. По 15 минути, излеговме со брат ми и Кољо. Отидовме во паркот Жена-борец, сите беа таму: Игор Југ, Јане Ченто и други“, сведочеше Младеновски.

    „Тогаш дојде сив голф со темни стакла, службена кола на УБК, истото со кое доаѓаше во ‘Аристократ’. Му пристапи Нинџа. Во колата имаше панцирни елеци, автомати, пиштоли. Ни беше кажано да се подели оружјето на искусни луѓе, на пример што биле во ‘Лавовите’. Оружјето било за Албанците што доаѓале. Но, стаса информација дека Синиша Алексовски се јавил и кажал оти Иванов ќе предложи воена состојба. Рече дека воена полиција чека на готовс да го апси раководството на СДСМ. Но, во 10 часот Иванов не го стори тоа“, рече Младеновски.

    Александар Василевски-Нинџа е брат на Благоја Василевски, кој беше обезбедување на екслидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски додека тој на 27 април лани беше на службен пат во Виена. Според обвинението, Благоја му се јавил на Нинџа околу 14.30 часот, по што почнала акцијата за напад на Собранието.

    „Кољо и Нинџа имаа пиштоли и значки од УБК. Нинџа имаше 2 блиндирани возила. Блиндиран џип со петти и мерцедес блиндиран со седми степен безбедност. Нинџа имаше и радиостаница, ги слушаше командите на полицијата на ниво на СВР Скопје. Пред 27 април се вршеа насилства врз ‘државни непријатели’, јавни лица и новинари, по проценка и под полна заштита на директорот на УБК Владимир Атанасовски. Операциите ги изведуваше и Нинџа. Имаше насоки да се дигнат во воздух колите на Петре Шилегов и на Љубомир Фрчкоски, но до тоа не дојде“, сведочеше Михаил Младеновски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари